Денес е спомен на Чудата на светиот Архангел Гавриил

ИЗВОРСкопје24
|

Овој голем Божји Архангел се празнува на 26 март. На денешен ден пак, се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение. Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој Архангел во една ќелија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“.

Заради овој настан таа ќелија и денес се нарекува ќелијата „Достојно ест“. Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на Архангелот Гавриил: кога му се јави на Мојсеја кој во свое време го чуваше стадото Јоторово, а нему Архангелот како на Божји избраник му соопшти како е создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата Битие; кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за идните царства и за доаѓањето на Спасителот; јавувањето на света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека Таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот Захариј и го извести за раѓањето на свети Јован Претеча и за казната на немост што ќе го постигне свети Захариј затоа што не им поверува на зборовите на Архангелот; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос; јавувањето на праведниот Јосиф; јавувањето на пастирите кај Витлеем; Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој Архангел пред страдањето; кога им се јави на жените Мироносици итн.

Свети Јулијан, епископ Кеномански во Галија

Некои мислат дека овој светител не е некој друг туку Симон лепрозниот, кого што го исцели Господ. Светиот апостол Петар го постави за епископ и го испрати во незнабожечката Галија, каде што свети Јулијан претрпе големи неволји, но успеа да обрати во Христовата вера многуброен народ. Кога го крсти кнезот Дефенсон, тогаш мнозина поданици на овој кнез се приклонија кон вистинската вера. Со благодатта Божја правеше големи чуда: исцелуваше болни, изгонуваше демони и воскреснуваше луѓе кои веќе отишле на оној свет. Животот го заврши мирно и во времето на својето заминување му се јави насред бел ден на кнезот Дефенсон додека овој седеше на ручек.