Роден како Евреин, но кога ја виде силата на Христовата вера, се крсти заедно со сестра му, Калитропија. Во неговата дваесет и шеста година се замонаши во манастирот на свети Иларион. Подоцна основа засебен манастир, од каде што се прочу по сета Палестина и по сиот Мисир заради своето подвижништво, духовната мудрост и чудотворството. Бегајќи од човечка слава се оддалечи во Мисир. На патот се сретна со великиот Пафнутиј, којшто му прорече дека ќе биде архијереј на островот Кипар. И навистина, по повеќе години, по Божја Промисла, Епифаниј дојде на Кипар, каде што ненадејно го избраа за епископ во градот Саламина и како епископ управуваше со Црквата Божја педесет и пет години. Живееше на земјата сè на сè сто и петнаесет години и се упокои од овој живот за вечно да живее во Царството Христово.
Пред заминувањето од овој свет беше повикан во Цариград од царот Аркадиј и жена му Евдоксија, на собор на епископи којшто требаше според желбата на царот и царицата да го осуди свети Јован Златоуст. Граѓаните слушнаа, слушна и Златоуст, како божем Епифаниј да се согласил со царот против Златоуст. Затоа Златоуст му напиша писмо: „Брате Епифаниј, чув дека си го посоветувал царот да бидам прогонет. Знај дека ни ти веќе нема да го видиш твојот престол“. На тоа Епифаниј му отпиша: „Страдалнику Јоване, одолевај им на навредите, знај дека и ти нема да стасаш до местото каде што те гонат“. И обете светителски пророштва се обвистинија набрзо: не сакајќи никако да се согласи со царот околу прогонството на Златоуст, Епифаниј тајно седна на кораб и тргна за Кипар, но на бродот ум*е; а Златоуст го протера царот во Ерменија, но тој по патот ум*е. Свети Епифаниј се упокои во 403 година. Од многубројните дела на свети Епифаниј најпознато е „Ковчежето“ (на грчки „Панарион“), во коешто се изложени и побиени осумдесет ереси.
Свети Герман, патријарх Цариградски
Син на првиот царски сенатор, когошто го у*и царот Константин Погонат. Истиот овој зол цар го кастрираше сенаторовиот син Герман и насилно го протера во манастир. Како монах Герман засветли со својот добродетелен живот како ѕвезда. Заради тоа беше избран прво за епископ Кизички, а потоа, кога се зацари Атанасиј II, за патријарх Цариградски. Како патријарх го крсти злогласниот Копроним, којшто додека се крштеваше ја извалка водата со нечистотија. Тогаш патријархот прорече дека кога тоа дете ќе стане цар, ќе внесе некаква нечиста ерес во Светата Црква. Тоа и се случи. Кога стана цар, Копроним ја обнови иконоборната ерес. Гонењето на иконите го започна Лав Исавријанин, таткото на Копроним, а кога патријархот Герман му се спротивстави, тој надмено возвикна: „Јас сум цар и свештеник!“, па го симна Герман од престолот и го протера во манастир, каде што овој светител проживеа уште десет години дури Господ не го повика кај Себе во Небесното Царство, во 740 година.