Денеска е Св. Кирил и Методиј – Ден на сесловенските просветители

ИЗВОРНов Лист
|

Денеска се празнува 24 Мај – Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј, основачите на првата словенска азбука – глаголицата и основоположниците на словенската писменост.

Браќата Кирили Методиј родени се во Солун, во угледно семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил на гората Олимп и се предал на монашкиот живот. Подоцна му се придружил и Кирил (Константин Филозоф). Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивното дело ги описмени словенските народи.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, особено значајна за иднината на сите Словени.

Словенските народи нив им ја должат својата писменост и кириличното писмо кое денеска се користи кај нас во Македонија, во соседна Србија, потоа во Бугарија, но и во Украина, Белорусија, Русија, како и во дел од поранешните републики кои спаѓале во Советскиот Сојуз, на пример Казахстан.

Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик. Овој знаковен систем подоцна е упростен и наречен кирилица, од страна на Св. Климент.

Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент”. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. Делото на нивните учители го продолжиле, Светите Климент и Наум на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.