Светиот апостол Петар
Овој ден се споменува заради веригите во коишто свети Петар беше окован од беззакониот Ирод и кои при појавата на ангелот во затворот паднаа од него (Дела 12, 7). Овие вериги христијаните ги чуваа колку заради споменот на великиот апостол, толку и заради нивната исцелителна моќ, зашто мнозина болни се исцелуваа допирајќи се до нив (како од ризата на апостолот Павле; Дела 19, 12). Јерусалимскиот патријарх, свети Јувеналиј, овие вериги ѝ ги даде на царицата Евдокија, жена на царот Теодосиј Помладиот, а таа ги преполови и едната половина ѝ ја испрати на црквата на Светите апостоли во Цариград, а другата на својата ќерка, царицата Евдоксија, жената на Валентијан во Рим. Евдоксија му изгради црква на свети апостол Петар и во неа ги положи овие вериги заедно со оние во коишто апостолот беше окован.
Преподобниот Дамаскин Габровски, Светогорец
Роден во Габрово, близу Трново, Бугарија. Се замонаши и се подвизуваше во Хиландар, каде што стана и игуман. Еднаш, кога беше отиден во хиландарскиот метох во Свиштово, на некои Турци им го побара манастирскиот долг. Тие, пак, наговорија една жена муслиманка и таа влезе во куќата кај што живееше Дамаскин. Тогаш Турците влегоа и ја најдоа жената, па го одвлечкаа Дамаскин кај кадијата. Таму му беше предложено да се потурчи, на што тој одлучно рече: „Би била лудост кога со привремениот живот би си купувал вечна погибел“.