Преподобен Макариј Велики
Египќанец, еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му беше свештеник. Од послушност кон родителите се ожени, но жена му набрзо премина, а тој се оддалечи во пустина, каде што помина полни шеесет години во труд и борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашаа зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, одговори: „Од страв Божји“. Толку успеа да си го очисти умот од лоши помисли и срцето од лоши желби, што Бог го дарува со изобилен дар на чудотворство, така што и преминати воскреснуваше од почивалиштето. Неговото смирение ги восхитуваше и луѓето и демоните. Еднаш демонот му рече: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, праша Макариј. „Твоето смирение“, му одговори. На својот ученик Пафнутиј, Макариј често му говореше: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“. Живееше деведесет и седум години. Девет дена пред да премине му се јавија од оној свет свети Антониј и свети Пахомиј и му навестија дека за девет дена ќе премине, што и се случи. Уште пред самото преминување му се јави херувим, којшто во видение му го откри блажениот небесен свет, ги пофали неговиот труд и добродетели и му рече дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство.
Преподобен Макариј Александриски
Роден е во Александрија и најпрво беше продавач на овошје. Се крсти дури во четириесеттата година и замина на подвиг. Најпрво му беше ученик на светиот Антониј, заедно со Макариј Велики, а потоа стана игумен на манастирот Келии, меѓу Нитрија и Скитот. Нешто е помлад од другиот Макариј, па и премина подоцна од него. Живееше над сто години. Еднаш еден брат го виде како полни кош со песок, па го носи по ридот и го истура. Братот зачуден го праша: „Што правиш?“ „Го мачам оној што ме мачи мене“ (т.е. ѓаволот).