Незначајното село Муталаск во Кападокија стана славно поради ова големо светило на Црквата. Овде Сава се роди од татко Јован и мајка Софија. Родителскиот дом го напушти кога имаше осум години и се замонаши во блиската обител наречена Флавијанова. После десет години премина во Палестинските манастири и таму најдолго се задржа во обителта на Светите Ефтимиј Велики (се слави на 20 јануари) и Теоктист. прозорливиот Ефтимиј за него прорече дека ќе стане славен монах и наставник на монасите и дека ќе основа лавра поголема од сите лаври на сите времиња.
По заминувањето на свети Ефтимиј, Сава се оддалечи во пустина, каде што во една пештера, којашто му ја покажа Ангел Божји, помина како отшелник пет години. Потоа, кога стана совршен монах, по Божја Промисла околу него почнаа да се собираат многумина ревнители за духовниот живот. Набрзо се собраа во толкав број, што Сава мораше да изгради црква и многубројни келии. Дојдоа и некои Ерменци, на коишто тој им одреди пештера за во неа да служат на ерменски јазик.
Кога замина татко му, кај него дојде неговата остарена мајка Софија, којашто тој ја замонаши и ѝ даде келија подалеку од неговиот манастир, па во неа таа се подвизуваше до крајот на животот. Овој свет отец претрпе многу напасти од ближните.
Тој и неговиот сосед Теодосиј Велики се сметани за најголеми светила и столбови на Православието на Исток. Тие ги исправаа царевите и патријарсите во верата, а на сите им служеа како пример на светителско смирение и на чудесната Божја сила. После трудољубивиот и многуплоден живот свети Сава се упок ои во 532 година, во деведесет и четвртата година од својот живот. Меѓу другото, тој го устрои манастирскиот типик на богослужење, којшто подоцна се рашири по целото Православие и стана познат како Јерусалимски устав.