Денес го славиме Светиот маченик Бонифатиј

ИЗВОРНов Лист
|

Тој најпрвин беше слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со којашто имаше нечиста и незаконска врска. Обајцата беа незнабошци. Еднаш Аглаида посака да има во куќата  мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло.

Затоа го прати својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти. Бонифатиј зеде со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рече на својата господарка: „А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“ Аглаида се насмеа и го нарече пијаница и грешник. Така се разделија. Кога дојде во градот Тарс, Бонифатиј виде мнозина христијани на маки. Нему му се измени срцето, се покаја за својот грешен живот и заплака. И сред христијаните возвикна: „И јас сум христијанин!“

Судијата го подложи на маки. Робовите го зедоа неговото тело и го однесоа во Рим. Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида и ѝ рече: „Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“. Аглаида излезе во пресрет, го прими телото на Бонифатиј, му изгради црква и во неа ги положи моштите на маченикот. Таа потоа се покаја, им го раздаде сиот свој имот на бедните, а самата се повлече од светот и поживеа уште петнаесет години во горко покајание. Свети Бонифатиј пострада во 290 година.