Денес останете дома и не ги прекорувајте децата колку и да згрешиле

|

Денес се празнува Св. великомаченик Димитриј – Митровден. Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра… Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.


Народниот обичај наложувал денес да се остане дома. Се верувало дека оној кој што утре нема да биде дома, цела година ќе биде надвор од него и ќе преспива по туѓи домови.

Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. За Митровден се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата.


Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи се до април. Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден никако не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.