Денес се чествува Преподобен Теофан Исповедник: Со чудотворство ги лекувал сите болести

ИЗВОРСкопје24
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 12 март. Денеска е Преподобен Теофан Исповедник

Наречен Сигријан заради местото Сигрија каде што беше роден. Роднина на царот Лав Исавријанин и неговиот син Копроним. Имаше огромно богатство и раскош. Но, кога Господ Христос се зацари во неговата душа, сето тоа за него изгуби вредност. Се спротивстави на женидбата што му ја наметнуваа, а кога сепак го принудија, успеа да ја посоветува својата сопруга на девствен живот под рувото на бракот. Кога му починаа родителите, жена му отиде во еден манастир, а тој во друг. Неговиот манастир беше во Сигријанските Гори, во Кизичката област. Некогаш славниот и богат Теофан во манастирот живееше како последен сиромав. И сите ѝ се восхитуваа на таа чудесна промена кај него. Бидејќи стана прочуен по неговата силна вера, воздржливоста и мудроста, го повикаа на Седмиот Вселенски Собор, во Никеја, на којшто се утврди иконопочитувањето.

Заради големата чистота и целомудрие Бог му даде дар на чудотворење, та ги лекуваше сите болести, особено манијата и лудилото. Му се молеше на Бога за сите болни и неволни и им помагаше со својата молитва. А кога самиот се разболе, не сакаше да Му се моли на Бога за оздравување, туку долго и со благодарност ја трпеше својата болест. Кога повторно настана гонење на иконите од злиот цар Лав Ерменин, свети Теофан беше доведен во Цариград и фрлен во затвор, каде што две години помина во тегобност и маки и понижувања. Тогаш царот го испрати во ропство на островот Самотраки, а ова тој го прозре со својот дух и им го кажа на затворските чувари. Кога стигна во Самотраки, поживеа само дваесет и три дена, па се престави кај својот Господ и Создател од Кого го прими стекнатиот венец на невенливата слава.

Свети Григориј Двоеслов, папа Римски

Син на сенаторот Гордијан. И самиот потоа беше сенатор и началник на градот Рим. Но, штом се упокои татко му, тој се оддаде на духовен живот. Од своето големо богатство изгради шест манастири во Сицилија, а седмиот во Рим, во чест на апостолот Андреј. Во тој манастир и самиот прими потстриг. По смртта на папата Пелагиј го избраа за папа. Тој бегаше од таа чест и власт и се криеше по зафрлени места по горите, но Господ го поткажа на оние што го бараа со тоа што на местото каде што се криеше се јави огнен столб од земјата до небото. Беше необично милосрден. Сите свои приходи ги употребуваше за засолништа за бедните и за гостопримство. Често ги канеше бедните и им служеше на трпеза. Се занимаваше и со пишување корисни книги. Двоеслов или собеседник се нарекува затоа што напиша книга со таков наслов, а во неа ги изложи добродетелите и чудотворствата на италијанските светители. Го состави и чинот на Литургијата на претходноосветени Дарови (Преждеосвештената Литургија), којашто се служи во средите и петоците на Чесниот Пост. Кога свети Григориј седеше и пишуваше, неговиот архиѓакон Петар гледаше како над неговата глава лета некаков гулаб. Се упокои во Господ во 604 година.

Преподобен Симеон Нов Богослов

Преподобниот Симеон Нов Богослов е роден во 946 година во градот Галата (Пафлагонија), во Мала Азија, во семејство на познати и богати родители. Се образуваше во Константинопол каде што татко му го подготвуваше за кариера на царскиот двор. Но, кога наполни 25 години тој почувствува призив за монашки живот, па го напушти царскиот двор и својот дом и се замонаши во Студитскиот манастир, каде што духовен раководител му беше прочуениот старец Симеон Богобојазливиот. Основен подвиг на преподобниот стана непрекинатата Иисусова молитва. Заради поголема молитвена сосредоточеност, тој постојано бараше да биде сам, па дури и на Литургија стоеше одделно од браќата, а често остануваше сам во црквата цела ноќ. За да се навикне на сеќавањето на смртта, поминуваше ноќи на гробиштата. Во 980 година преподобниот Симеон беше поставен за игумен на манастирот на свети Мамант и во тој чин помина 25 години. Околу 1005 година тој му го предаде раководењето на манастирот на својот ученик Арсениј, а самиот се насели покрај манастирот. Во тоа време на спокојство тој ги напиша своите прочуени богословски трудови, од кои еден дел е влезен во состав на „Добротољубието“. Неговото учење за новиот човек, за „обожението на плотта“ со која тој сакаше да го замени учењето за „умртвување на плотта“ (заради што и беше наречен Нов Богослов), тешко беше прифаќано од неговите современици. Многу негови поуки им звучеа чудно и неразбирливо, што доведе до конфликт со високиот клир во Константинопол, па преподобниот Симеон се оддалечи на брегот на Босфор, каде што ја основа обителта на света Марина. Мирно се упокои во 1021 година. Уште во текот на животот стекна дар на чудотворење.

Праведен Аарон Првосвештеник

Првиот старозаветен првосвештеник. Син на Амрам и Јохаведа, од коленото Левиево, постар брат на пророкот Мојсеј. Роден во Египет, му помагал на Мојсеј при ослободувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, јавувајќи се пред фараонот како претставник на пророкот, кој говори од негово име. Аарон учествувал во 40 годишното странствување на Евреите по пустината, каде што и бил од Бога поставен за првосвештеник. Се упокоил на 123 годишна возраст, во 1445 година пред Христа, на гората Ор, во пустината, не достигнувајќи ја ветената земја, исто како и Мојсеј. Целиот род Ааронов бил избран за свештеничко служење во старозаветната Црква, и првосвештенството на неговите потомци се зачувало сè до доаѓањето на Христа спасителот на земјата. Од потомството на Аарона била и Елисавета, мајката на свети Јован Крстител. Според учењето на светиот апостол Павел, Аарон како првосвештеник бил праобраз на Иисуса Христа, кој е Првосвештеник на Новиот Израил, на новозаветната Црква.