Архип беше еден од Седумдесеттемина. Апостолот Павле го спомнува во Посланието до Колосјаните и во Посланието до Филимон, нарекувајќи го другар. Во градот Колоси центар на христијанството беше куќата на Филимон. Овде христијаните се собираа на молитва. Ова го спомнува свети Павле пишувајќи му на Филимон: „твојата домашна црква“.
Во тоа време апостолите ги ракополагаа своите ученици за епископи, и тоа некои од нив на постојани места, а некои како патувачки мисионери по разни места. Филимон беше од овие последниве. Неговата жена Апфија постеше и ѝ служеше на домашната Црква.
Во времето на еден празник на незнабожната божица Артемида, сите верни во Колоси беа собрани во домот на Филимон на молитва. Незнабожците дознаа за ова собрание, навалија и ги испофаќаа христијаните. Филимон, Архип и Апфија како водачи прво ги избија, потоа ги закопаа до појас во земја. Така завршија Филимон и Апфија, а Архип го извадија од дупката одвај жив, за разонода на децата. На тој начин овој Павлов другар во војувањето добро го заврши својот подвиг и патот на земниот живот, и се престави кај Господа.