Денес се слави Светата Анастасија Узорешителница и другите со неа

ИЗВОРНов Лист
|

Оваа славна ревнителка на Христовата вера се роди во Рим, во дом богат и сенаторски, од татко паганин и мајка христијанка. Уште како млада се приврза со љубов кон Господа Исуса, а во Христовата наука ја раководеше благочестивиот учител Хрисогон. Принудена од татко ѝ, стапи во брак со некој незнабожечки велепоседник Публиј.

По Божја Промисла беше ослободена од свирепиот маж – царот го испрати Публиј во Персија, а тој патувајќи по морето потона. Тогаш светата Анастасија почна слободно да им служи на христијани и своето големо наследство да го троши делејќи им милостина на сиромасите. Еднаш, царот Диоклецијан беше во градот Аквилеја и нареди да му го доведат Христовиот исповедник Хрисогон. Него по патот го придружуваше света Анастасија. На заповед од царот, на светиот Хрисогон му ја отсекоа главата.

Тогаш пострадаа и трите сестри Агапија, Хионија и Ирина (под 16 април). Нив ги зеде светата Анастасија, ги завитка во бело платно и откако ги обложи со многу аромати чесно ги погреба. Потоа отиде во Македонија и таму им помагаше на Христовите страдалници. Овде ја препознаа како христијанка, и заради тоа ја фатија и ја водеа на сослушување кај разни судии. Анастасија непрестајно во срцето ревнуваше кон Него.

Еден началник на жреците Улпијан сакаше сладострасно да ја оскверни, но одеднаш ослепе и издивна. Потоа ја ставија на кораб со уште неколкумина христијани за сите да ги потопат, но Бог ја сочува и од тоа.