Родена е во Ефес од родители христијани. По смртта на татко ѝ, со мајка ѝ се пресели на островот Хиос, каде што пострада за Христа. Страдањето на оваа света девица стана недолго после страдањето на славниот маченик Исидор војник (под 14 мај). Беше ставена во затвор од страна на кнезот.
На полноќ, затворот го осветли небесна светлина и ѝ се јави мнозинство ангели со светиот Исидор среде нив. „Мир на тебе, Миропијо,“ ѝ рече свети Исидор, „дојде молитвата твоја пред Бога и наскоро ќе бидеш со нас и ќе го примиш венецот што е за тебе подготвен“.
Светата страдалница се израдува и во тој миг Му го предаде својот дух на Бога. Од нејзиното тело излезе благоухан мирис, којшто го исполни сиот затвор. Еден од стражарите го виде и го почувствува сево ова, поверува во Христа, се крсти. Света Миропија се пресели во вечноста во 251 година.