Роден 600 години пред Христа, во селото Анатот, недалеку од Јерусалим. Почна да пророкува во својата петнаесетта година, во времето на царот Јосија. Им пророкуваше за покајание на царот и на неговите големци, на лажните пророци и на свештениците и во времето на овој цар Јосија одвај си ја спаси главата од убиствените раце на огорчените големци.
На царот Јоаким му прорече дека неговиот погреб ќе биде како погреб на магаре, т.е. ќе биде исфрлен надвор од Јерусалим и телото долго ќе му се влечка по земјата непогребано. Заради ова Јеремија беше фрлен во затвор. Бидејќи во затворот не можеше да пишува, го повика Варух, којшто застана покрај неговото затворско прозорче, а пророкот почна да му диктира. Кога му го прочитаа ова пророштво на царот, тој гневен ја фрли хартијата во оган.
Промислата Божја го спаси Јеремија од затворот, а врз Јоаким се исполни зборот на Пророкот. На царот Јехонија пак, му прорече дека со целото семејство ќе биде одведен во Вавилон и дека ќе замине на другиот свет таму, што наскоро и се случи. Под царот Седекија, Јеремија си стави јарем на вратот и така одеше по градот Јерусалим, пророкувајќи го со тоа падот на Јерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците.
На еврејските заробеници во Вавилон им пишуваше да не се надеваат да се вратат во Јерусалим, зашто ќе останат во Вавилон седумдесет години – така и беше. Постои предание дека самиот цар Александар Велики го посетил гробот на Пророкот Јеремија. На наредба од Александар, телото на Јеремија е пренесено и со почести погребано во Александрија. Египќаните речиси го обожаваа пророкот Јеремија. Затоа и го погребаа како крал. Го сметаа за чудотворец. Правот од неговиот гроб го земаа како лек против каснувања од змија. И ден денес мнозина христијани во молитва го повикуваат пророкот Јеремија против змии.