Свети Картериј живееше во времето кога царуваше императорот Диоклецијан. Тој беше свештеник и учител на христовата вера во Кесарија Кападокиска, во времето на управувањето на прокураторот Урван. Тој изгради храм Божји, собра околу себе многубројна паства која ја поучуваше да го почитува Христа со Отецот и Светиот Дух како Единствен вистинит Бог. Ревносниот служител Христов беше наклеветен пред прокураторот, и затоа се сокри.
Но, Господ му се јави и му рече: „Картериј, оди и застани пред прокураторот, Јас ќе бидам со тебе. Ти претстои многу да пострадаш заради Моето име, но многумина преку тебе ќе поверуваат и ќе се спасат.“ Светителот се исполни со голема радост, Му заблагодари на Господа и го извести прокураторот каде живее, па го фатија и го ставија во затвор. Кога беше изведен пред прокураторот, му беше наредено да принесе жртва пред Серапис (египетско божество што се почитуваше и во Римската империја). Но, по молитвата на светителот, статуата на лажниот бог се сруши на земја.
Вечерта му се јави Господ Исус Христос, го исцели и го ослободи од веригите и го изведе од затворот. Кога луѓето го видоа маченикот исцелен од сите тешки рани кои му беа нанесени, поверуваа во Бога и почнаа да се крстат, добивајќи истовремено исцелување од болестите од кои страдаа.