Родум од кападокиската област. Богобојазлив и кроток уште од раното детство. Заради своите големи добродетели беше избран за епископ на градот Севастија. Во тој незнабожечки град свети Власиј беше големо духовно светило.
Во тешкото време на христијаните, свети Власиј го храбреше своето стадо и ги посетуваше Христијаните по затворите, меѓу кои особено се истакнуваше славниот Евстратиј. Кога градот Севастија остана сосем без христијани – едни пострадаа, други побегнаа – тогаш старецот Власиј се повлече во планината Аргеос и таму се насели во една пештера.
Дивите животни го познаа светиот човек и се приклонија кон него и тој ги милуваше. Но, гонителите го најдоа светителот и во неговото скривалиште и го поведоа да му судат. Патем, Власиј исцели едно момче на кое му беше застанала коска во грлото, а на поплаката на една вдовица дека волкот ѝ го грабнал прасето, направи со силата на својата молитва волкот да ѝ го врати украденото.
Со својата непоколебливост во верата, свети Власиј многумина ги обрати кон Христа. Заедно со него беа затворени седум жени и две деца. Пострадаа и се прославија во 316 година. Народот му се моли на свети Власиј за напредувањето на добиците и за заштита од непријатели