Денес е Недела на Чесниот крст: Ден за покајание и поттик за продолжување на подвигот

ИЗВОРСкопје24
|

Оваа недела Црквата ја посветува на богооткриената вистина дека на Крстот Христос бил положен како „Божја сила и Божја Премудрост“ (1Кор 1,24). Оваа недела на средината на Велигденскиот пост крстот е поставен на средината на црквата, не само за да ги потсети верните на покајание и да ги поттикне во продолжувањето на подвигот, но и да ги потсети дека „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.“ (Матеј 10,38)

Крстопоклона недела

Во оваа трета недела од постот, празнуваме поклонување на чесниот и животворен крст од овие причини: бидејќи за време на четириесетдневниот пост на некој начин и ние се распнуваме, умртвувани од страстите, паѓајќи во униние имаме чувство на жалост, ни се предлага чесниот и животворен крст за да нè поткрепи и утврди и утеши, потсетувајќи нè на страдањата на нашиот Господ Исус Христос. Ако нашиот Бог се распна заради нас, колку ли повеќе треба ние за Него да се трудиме, олеснувајќи ги нашите болки со предлагањето на страдањата Господови и со сеќавање и надеж на славата на крстот?
Како што нашиот Спасител се искачи на крстот и се прослави, така треба и ние да правиме, та со Него и да се прославиме, иако нешто и жално претрпуваме. И друго: како оние што минуваат долг и тежок пат и, заморени, ќе најдат некое лиснато дрво со сенка, седнуваат под него да се одморат, па остатокот од патот го минуваат како млади, така и сега во ова посно време и тежок пат и подвиг, Светите Отци ни го посадија на средината од постот живоносниот крст, кој ни дава олеснување и освежување, за да можеме остатокот од патот полесно да го минеме.

Или, како што при доаѓањето на царот му претходат некои знаци, а потоа и самиот тој доаѓа, радувајќи се и веселејќи се на победата, со него се веселат и неговите послушници, така и нашиот Господ Исус Христос, сакајќи да ја покаже победата над смртта и славата што ќе дојде по воскресението, го испрати напред Својот скиптар, царското знамение – животворниот крст, за да нè освежи и зарадува, и да нè подготви да Го примиме самиот Цар и, како светол победник, да Го прославиме. Средината од светата Четириесетница е слична на горчливиот извор: како што божествениот Мојсеј во него стави дрво и водата ја направи слатка, така и Бог Кој нè преведе преку духовното Црвено Море, со животворното дрво на чесниот и животворен крст, со постот во Четириесетницата ја осладува горчливоста и нè утешува како оние во пустината се додека не нè воведе во духовниот Ерусалим со Своето воскресение.

Или, бидејќи крстот се именува и е дрвото на животот, тој е она дрво на животот што беше засадено среде рајот. Така и божествените отци го засадија крсното дрво среде Четириесетницата, потсетувајќи нè и на Адамовото лакомство и на неговото ослободување со сегашново (крсно) дрво; оти, вкусувајќи од него, не само што не умираме, туку и оживуваме.

Свети Кирил, архиепископ Јерусалимски

Роден е во Јерусалим во времето на Константин Велики, а умре во времето на Теодосиј Велики (315–386). Во 346 година го посветија за свештеник, а во 350 година го наследи на престолот блажениот јерусалимски патријарх Максим. Трипати го симнуваа од престолот и го испраќаа во прогонство, додека најпосле во времето на Теодосиј не го вратија, па проживеа мирно уште осум години и Му ја предаде душата на Господа. Тој имаше две тешки борби: од една страна со аријанците кои се засилија во времето на Константиновиот син Констанциј, а од друга во времето на Јулијан Отстапник, со овој цар отпадник од верата и со Евреите.

Во времето на силата на аријанците на денот на Педесетница се јави знакот на Крстот, посветол од сонце, се простираше над Јерусалим и над Елеонската Гора. Ова траеше неколку часа, а почна во девет часот наутро. За оваа појава што ја видоа сите жители на Јерусалим му пишаа и на царот Констанциј и тоа на мнозина им послужи за утврдување во Православието, а против аријанската ерес. Во времето на царот Отстапник се случи друг знак. За да го понижи христијанството, Јулијан ги наговори Евреите да го обноват Соломоновиот храм. Свети Кирил Му се молеше на Бога тоа да не стане. И имаше страшен земјотрес којшто урна сè што беше обновено на храмот. Тогаш Евреите почнаа одново да градат.

Но, повторно фати земјотрес и го урна не само новоизграденото туку и старите камења кои уште се држеа на земјата. Така се обвистини зборот Господов: „ни камен на камен овде нема да остане“. Од многубројните списи на овој свет отец зачувана е само неговата „Катихетика“, првокласно дело што ја потврдува верата и праксата на Православието до денешен ден. Овој светител беше необичен архипастир и голем подвижник. Се одликуваше со смирение и кротост, а сиот беше испостен и блед во ликот. После многуплодниот живот во подвиг и витештво за верата во Христа, мирно се упокои во Господа.

Свети Анин Чудотворец

Родум од Халкидон. Според растот малечок како Закхеј, но со духот и во верата голем. Во петнаесеттата година се одрече од светот и се насели во една визба во близина на реката Еуфрат и таму принесуваше покајание и молитви, најпрво при својот учител Мајум, а по неговата смрт сам. Со силата на својата молитва еден сув бунар го наполни со вода и исцелуваше болни од разни болести и маки и ги скротуваше ѕверовите. Еден скротен лав постојано живееше кај него во послушание.

Имаше дар на прозорливост на далечина. Кога еден столпник кој живееше недалеку од него го нападнаа разбојници и толку го изнатепаа што овој намисли да слезе од столбот и да оди да ги обвини кај судиите, свети Анин ја прозре неговата душа и намерата и по својот лав му испрати писмо во коешто го молеше да ја остави таа намера, да им прости на напаѓачите и да си го продолжи подвигот. Беше неискажливо милосрден.

Епископот Неокесариски му подари едно магаре за да му го олесни носењето вода од реката, но тој му го подари магарето на еден сиромав кој му се пожали на својата сиромаштија. Епископот му даде друго магаре, но тој и тоа го подари. Тогаш епископот му даде трето магаре, но само на заем, како водоносец, со тоа што би морал да го чува и да му го врати.

Пред своето заминување овој светител виде како му доаѓаат Мојсеј, Аарон и Ор, кои го повикаа: „Анине, Господ те вика, стани и појди со нас!“ Им го откри ова на учениците и Му го предаде својот дух на Бога. Се упокои на возраст од 110 години.