Денеска е спомен на Свети Кирил, архиепископ Александриски: Борец на три фронта но и автор на „Богородице Дево, радувај се!“

ИЗВОРНов Лист
|

По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чиешто заминување самиот беше посветен за патријарх. За време на својот живот водеше три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните настанаа во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот ересоначалник. Се гордееја со својата добродетел, одеа облечени во бела облека, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да се моли за оние што извршиле см*тен грев ниту да се прими назад во Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае. Кирил ги победи и ги протера од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата со Евреите беше многу потешка и покрвава. Евреите се имаа засилено во Александрија уште од времето кога Александар Велики го основа тој град. Нивната омраза кон христијаните беше бесна и подмолна.

По долга и тешка борба Кирил издејствува кај Царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј, патријархот Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со тој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не можеше да дојде на Соборот. Несториј беше осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница на царството, каде што и го напушти овој свет, на многу лош начин. Откако заврши борбата, Кирил поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово. Се престави кај Господа во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево, радувај се!“.

Свети Кирил Белоезерски

Роден и воспитан e во Москва во куќа на големци. Потстрижен во Симоновиот манастир, каде што со подвигот ги восхитуваше сите други монаси. За да ги скрие своите добродетели, се правеше јуродив. Имаше разговарано со самиот свети Сергеј Радоњежски и од него прими многу корисни поуки. Беше избран за игумен на манастирот против неговата желба. Но, постојано ѝ се молеше на Пресветата Богородица да му го покаже местото каде што би можел да се подвизува во безмолвие. Една ноќ виде голема светлина и чу глас: „Кириле, излези одовде и оди на Бело Езеро!“ И тој навистина излезе од Симоновиот манастир, и со еден другар отиде во белоезерските предели и таму, во густата борова шума, почна да се подвизува. Со време пустината се претвори во голема обител. Преподобен Кирил од Бога доби голем дар на чудотворство, па исцелуваше од болести и правеше многубројни други чуда. Се престави во 1429 година, во деведесеттата година од животот и отиде кај Господа, Кого сиот свој век Го љубеше со голем жар.

Свети Колумба Јонски, просветител на Шкотска

Потекнува од кралски род. Уште како дете беше воспитуван во христијанската вера. Кога порасна, се насели во манастирот на свети Финтан, каде што живееја и се подвизуваа многу прочуени старци од Ирска. Додека живееше во Ирска, Колумба основа неколку манастири. Во 561 година започна крвавата битка меѓу Врховниот ирски владетел Диармајд и полубратот на Колумба, Ајнмир, кој управуваше со северен Олстер. Ајнмир и неговите сојузници победија, по молитвите на светиот Колумба, а од своите редови загубија само еден војник, додека војската на Диармајд имаше загуба од 3.000 војници. Колумба основа манастир на островот Јона во 563 година, кој подоцна стана центар за христијанизацијата на Шкотска. Од тука, заедно со своите соподвижници, Колумба се упати на разни страни низ Шкотска, за да го проповеда Евангелието, градеше цркви и основаше монашки заедници, кои подоцна станаа нови центри за христијанизација. Во Шкотска помина 33 години, основа неколку манастири и ги преобрати во христијанството поголемиот дел од северните и јужните Пикти.

Свети Алексеј Мечев

Московскиот старец Алексеј Мечев е роден на 30 март 1859 година. Свети Филарет Московски му го даде името по светиот Алексеј, човек Божји. Добросрдечен, со тивок и мирољубив карактер. Иако со голема желба да стане лекар та најплодотворно да им служи на луѓето, од послушност ѝ се потчини на мајчината волја и стана свештеник. Подоцна сфати дека го најде својот вистински призив. На 1 април 1893 година беше ракоположен за свештеник и назначен на служба во храмот на свети Николај Чудотворец во Маросејка – црквичка со мала парохија. Отец Алексеј, за разлика од другите мали московски храмови, во својата црквичка воведе секојдневна богослужба. Не ја загуби ревноста ниту падна во малодушност иако осум години служеше во празна црква и другите свештеници му велеа дека напразно се труди. Со текот на времето се расчу низ Москва дека во Маросејка може секој ден да се исповедаш и причестиш. Намачените, обременетите со животни проблеми, паднатите луѓе поитаа во црквичката. Од нив се пронесе глас за нејзиниот добар старешина. По заминувањето на сопругата, праведниот Јован Кронштадски го благослови на подвигот на старчество, за кој беше подготвен со многуте години вистински подвижнички живот.

„Биди со народот, влези во туѓата мака, земи ја на себе и тогаш ќе видиш дека твојата беда е безначајна во споредба со општата“ – му рече великиот пастир. Отец Алексеј доби од Бога благодатен дар на прозорливост. Луѓето забележуваа дека му е познат сиот нивен живот, како надворешните случувања, така и внатрешните стремежи, мисли. Отецот при храмот отвори основно црковно-парохиско училиште и прифатилиште за сирачиња и деца на сиромашни. Во текот на 13 години беше и вероучител во приватна женска гимназија. Благослови свое духовно чедо да иконописа и на тој начин помогна во возобновувањето на стариот руски иконопис, веќе неколку векови заборавен. Проповедите му беа прости, искрени, не се одликуваа со красноречивост. Кажаното ги трогнуваше срцата со длабочината на верата, справедливоста, сфаќањето на животот. Современите оптински подвижници му беа духовни пријатели; московјаните кои доаѓаа кај нив ги праќаа кај светиот старец, нему велејќи му дека во подвигот што ги надминува човечките сили – долгите и ревносни служби, бескрајните редици за исповед и Причест – обилно е поткрепен од Бога. Светиот патријарх Тихон му го довери делото на обединување на московскиот клир. Старецот мирно се упокои на 22 / 9 јуни 1923 година. По десет години, кога заради затворањето на гробиштата останките на отец Алексеј требаше да бидат пренесени на други гробишта, се откри дека телото му е нетлено. Во 2000 година старецот Алексеј беше вброен во Соборот на Светите. Моштите му беа пренесени во црквичката на свети Николај во Маросејка.