Денес е спомен на Свети Методиј, архиепископ Моравски, првоучител на Словените

ИЗВОРСкопје24
|

Св. Методиј Солунски (825 – Моравија, 6 април 885) — сесловенски просветител и постар брат на Константин Филозоф (Кирил).

Светиот рамноапостолен Методиј, учител словенски, и неговиот помлад брат Константин – Кирил, се родени во Македонија, во градот Солун, во благочестиво семејство. На почетокот, Методиј, исто како и неговиот татко, служеше воена служба. Царот, откако чу за него дека е добар војник, го постави за управник на една словенска област во рамките на грчката држава. Откако помина во офицерски чин околу 10 години, и ја позна сета житејска суета, Методиј својата волја ја насочи кон одрекувањето од сè земно и ги устреми своите мисли кон небесното. Оставајќи го војводството и сите животни утехи, тој замина да биде монах на гората Олимп.

По некое време во манастирот му се приклучи и помалиот брат Константин. Кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Патувајќи, тие ги најдоа моштите на свештеномаченикот Климент, папа Римски. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. Во 862 година, на барање на моравскиот кнез Ростислав, царот ги испрати да го проповедаат христијанството во Моравија, на словенски јазик. Светите Кирил и Методиј по Божјо откровение ја составија словенската азбука (глаголицата) и ги преведоа на словенски јазик Евангелието, Апостолот, Псалтирот и мноштво други богослужбени книги. Тие го воведоа служењето на словенски јазик.

Светите браќа беа повикани во Рим од римскиот папа Адријан I, кој ги прими со голема почест, бидејќи тие ги донесоа со себе моштите на светиот Климент Римски. Во Рим, Кирил се разболе и умре, во 869 година. Методиј, пак, на прозба од словенскиот кнез Коцел, беше испратен во Панонија, откако папата Адријан I го ракоположи за епископ на Моравија и Панонија. На таа катедра Методиј претрпе многу непријатности, па и прогон и затвор, но тој до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. Ги крсти чешкиот кнез Боривој и неговата сопруга Људмила, како и еден од полските кнезови. Во последните години од својот живот, Методиј со помош на своите ученици, го преведе на словенски јазик целиот Стар Завет, освен Макавејските книги, како и Номоканонот (правилата на светите отци) и доста светоотечки книги. Методиј се упокои во Господа на 6 април 885 година на возраст од околу 60 години. Го имаше претскажано денот на својето заминување. Беше погребан во столицата на Моравија, во Велеград, во соборната црква. Неговите ученици Петочисленици, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.

Свети Евтихиј, патријарх Цариградски

Роден е во Фригија од благочестиви родители. Татко му беше офицер. Еднаш момчето Евтихиј се забавуваше со своите врсници, а нивната игра се состоеше во тоа што секој го запишуваше своето име на карпата и покрај името оној чин којшто според насетувањето ќе го добијат во животот. Кога дојде на ред Евтихиј, тој напиша: „Евтихиј патријарх“. Во неговата триесетта година стана игумен на еден амасиски манастир. А кога имаше четириесет години, амасискиот митрополит го испрати наместо себеси на Петтиот Вселенски Собор.

На Соборот тој заблеска како пресветла ѕвезда меѓу отците на Црквата, како со својата ученост така и со благочестието. Кога настана препирка за тоа можат ли еретиците после смртта да бидат предадени на анатема, тој го застапуваше мислењето дека можат, повикувајќи се на 3 Книгата Царства 13, 1-8 и на 4 Книга Царства 23, 16. Многу му омиле на царот Јустинијан и на патријархот Мина. Царот често го прашуваше за совет, а Мина (кој во тоа време беше мошне богат) го назначи за свој наследник и го замоли царот тоа да биде спроведено и на дело. Така и беше.

Свети Евтихиј мирно управуваше со Црквата дванаесет години. Но, тогаш ѓаволот крена бура против него. Оваа бура го зафати и самиот цар Јустинијан. Имено, царот се опрелести и падна во монофизитската ерес на автартодокетите, која учеше дека Господ Исус и пред Воскресението имал Божествено и нераспадливо тело, без чувство за глад, жед и болка. Евтихиј одлучно стана против оваа ерес, заради што царот го протера во прогонство во неговиот прв манастир.

Овде тој поживеа дванаесет години и осум месеци и се покажа голем чудотворец. Исцелуваше од разни болести со молитва, помазувајќи со елеј. Јустинијан се покаја и умре, а него го наследи Јустин, којшто го врати Евтихиј на патријаршискиот престол, на кој светителот остана до својата смрт мирно управувајќи со Црквата Божја. Во својата седумдесетта година, во 582 г. се пресели во Царството на Господ Христос, Кому верно и храбро Му служеше сиот свој живот.

Светите сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија

Кога персискиот цар Сапор ги ограби византиските земји, одведе во ропство сто и дваесет христијани. Откако залудно ги присилуваше да се одречат од Христа и да му се поклонат на огнот, ги фрли во оган и живи ги изгоре. Меѓу овие маченици имаше и девет девици посветени на Бога. Сите пострадаа чесно, помеѓу 344 и 347 година.