Денеска е Светол Понеделник: Потребна ви е само една работа за да годината ви биде среќна и бериќетна!

ИЗВОРСкопје24
|

Денеска е втор ден Велигден, и со овој ден почнува светлата недела. Со оглед на тоа дека велигденското славење трае три дена, на денешен ден се продолжува обилната гозба на која се честат гости, роднини, соседи, пријатели, кумови.

Кај христијаните денешниот празник е познат и како Светол понеделник и за овој ден важно е да запомните дека денот треба да биде исполнет со веселба. Затоа дружете се, веселете се и целата година ќе ви биде успешна.

Воскресение Христово – Велигден

Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа.

За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не и поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Светите маченички Агапија, Хионија и Ирина

Родени сестри од околината на Аквилеја. Кога царот Диоклецијан беше во Аквилеја, нареди да го погубат прочуениот духовник Хрисогон. Во тоа време еден стар свештеник Зоил имаше видение во коешто му се откри каде се наоѓа непогребаното тело на Хрисогон. Старецот побрза, го најде телото на маченикот, го положи во ковчег и го чуваше во својот дом. Триесеттиот ден по ова му се јави свети Хрисогон и го извести за овие маченички дека ќе пострадаат во следните девет дена, а дека и самиот ќе се претстави во тоа време. Вакво известување прими во видение и светата Анастасија Узорешителница, која беше тргнала по својот учител Хрисогон. И навистина, по девет дена се претстави и старецот Зоил, а и оние три сестри беа изведени на суд пред царот. Царот ги советуваше светите девојки да им се поклонат на идолите, но тие го одбија и ја исповедаа својата тврда вера во Христа. Света Ирина му рече на царот дека е глупаво човек да им се поклонува на предмети изработени од дрво или камен, нарачани за спогодена цена, направени од раце на смртен човек. Царот се разјари и ги фрли во затвор. Кога царот тргна за Македонија, со него ги поведоа сите негови робови и заробеници, меѓу кои и овие три светителки. Царот им ги даде на еден војвода Дулкитиј за мачење. Војводата се распали со мрачна страст и сакаше да ги оскверни девиците, но кога сакаше да влезе кај нив во затворот во времето кога беа на молитва пред Бога, тој полуде и почна да прегрнува и бакнува некои црни котли и лончиња што се најдоа таму и така си отиде сиот поцрнет. Кога слушна за ова, царот му нареди на еден друг војвода, Сисиниј, да го преземе судењето на трите христијанки. По тешки мачења судијата ги осуди првите две сестри на смрт во оган, а Света Ирина ја задржа уште некое време кај себе надевајќи се дека ќе може да ја оскверни. Но, кога ја испрати со војници во блудилиштето, Божјите ангели ја спасија чистотата на девицата, војниците ги вратија, а нејзе ја изведоа на еден рид. Утредента војводата излезе со војниците на оној рид, но не можеа да се качат, па им нареди на војниците да ја уб*јат со стрели. Света Анастасија ги собра телата на едно место и чесно ги погреба. Пострадаа за Христа околу 304 година.

Светиот маченик Леонид и другите со него

Ги фрлија в море, но морето не ги прими. Тие одеа по морето како по суво и Му пееја на Бога. Кога тоа го видоа незнабошците најпрвин се восхитија, но потоа им врзаа камења на вратот и повторно ги фрлија во морските длабочини. Сите пострадаа за Христа во 258 година.

Светата маченичка Галина Коринтска и со неа: Хариеса, Ника, Калида, Нунехија, Василиса и Теодора

Светата маченичка Галина е родена на Коринт, кој во тоа време е главен град на Ахаја, просветлен од апостолот Павле. По милоста Божја, таа го сретна праведниот старец Кодрат, којшто ја обрати кон верата во Христа. По страдањето на свети Кодрат (10 март, по стар стил) и другите маченици со него, праведната Галина и другите жени, ученички на Кодрат: Хариеса, Калиса, Нунехија, Василиса, Ника, Гали и Теодора, подражавајќи го својот учител, доброволно појдоа на маки за Христа. Тие можеа да се сокријат, но не го направија тоа. Нив заедно со светиот Леонид ги фрлија во море, но тие не потонаа, туку одеа по водата и пееја духовни химни. Мачителите се качија во кораби и ги фатија, по што им врзаа камен на врат и така ги уд*вија. Овие маченици пострадаа на 16 април 258 година.