Денеска е Тодорова сабота – ова се обичаите

|

Денеска е Преподобен Прокопиј Декаполит (Тодорова сабота).

Свети Прокопиј е наречен Декаполит бидејќи потекнувал од областа Декаполис во стара Палестина. Живеел како монах во времето кога бес неела иконоборечката ерес. Заради заштитата на иконите бил затворен од властите на иконоборечкиот василевс Лав Исавриец (717-741). По смртта на василевсот се вратил во својот манастир, каде што останал до крајот на својот подвижнички живот.

За празникот Тодорова сабота се поврзани повеќе верувања и обичаи. На пример, во Дебрца, спроти празникот, девојчињата изведувале интересен обичај со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и потоа ги полнеле со пепел. Вечерта спроти празникот, додека биле во црквата, ќесето го закачувале на појасот на некоја жена која била позната како добра везилка. Жените кои вака ќе собереле повеќе ќесиња, на враќање од црквата кон дома, ги фрлале ќесињата во реката со зборовите: „Како што брза водата, така и девојчињата да научат да везат“.

Исто така, на Тодорова сабота, младите девојки изведувале и обичаи со кои сакале да дознаат кој ќе биде нивниот иден маж. За таа цел, во петок навечер, за време на вечерата, девојките го зачувувале првиот залак и го ставале под перницата. Притоа, се верувало дека момчето кое ќе го сонеле, подоцна ќе им стане маж.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а Кузман Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје“. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа којашто се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје“, „за воловско здравје“, „за коњско здравје“ итн.

Во записите од Гевгелиско направени на почетокот на XX век од Н. Д. Рачев се вели дека за заштита од магии, но и за иницирање живот и здравје на луѓето и добитокот се правело „мамило“. Тоа се правело од варена пченица и пченка кои се носеле во црквата каде што попот им пеел молитва. Потоа дома на сите и на луѓето и на стоката им се давало да каснат по малку, но строго се внимавало ниту едно зрно да не падне на земјата, зашто во спротивно ќе се случела голема нес реќа и на луѓето и на добитокот.

Интересен обичај во Дебрца спроти празникот изведувале девојчињата со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале кесиња направени од крпчиња и врз нив само започнувале да везат, а потоа ги полнеле со пепел. Додека биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска кесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како добра везачка. Овие жени, пак, што ќе собереле повеќе вакви кесиња на враќање ги фрлале во некоја вода (извор, река, поток и др.) со благослов: „Како што брза водата така и девојчињата да научат да везат“.

На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и трипати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје“. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот“.

Со празникот Тодорова сабота се поврзани и други обичаи и верувања. Во Гостиварско пченката што ја враќале од црквата утрото на самиот празник ја носеле во полето и ја фрлале по нивите и бавчите велејќи: „Господе, колку зрна, толку тоари, толку дар и бериќет да ни даеш“.

Интересен обичај на празникот Тодорица се изведувал во селото Лазарополе. Тие што тремереле оделе надвор од селото во местото Сливине, носеле со себе варено жито и вода осветена на Свети Трифун. Со таа вода ги прскале ливадите. Од житото што го носеле девојките еден дел им давале на момчињата и роднините за здравје, а потоа оделе кај своите ливади и фрлајќи од житото викале: „Киш, киш, кртови, / на чупоски вртови“. Чуповци, пак, викале: „Киш, киш кртови, / на росочки вртови!“ Овие обичаи започнувале околу десет часот претпладне и завршувале околу три или четири часот попладне.