Денеска е Велика Среда: Денот кога Јуда го предал Спасителот – Еве што не треба да правиме

ИЗВОРСкопје24
|

На Велика Среда се одбележуваат три значајни настани: Последното претсмртно помазание на Господа, Заговорот на јудејците за да го убијат и Јудиното предавство на Христа за триесет сребреници.

На светата и велика среда, светите Отци заповедале да правиме спомен на жената блудница, којашто го помаза Господа со миро, бидејќи тоа се случило пред самите Спасителеви страдања. Кога Господ дошол во Јерусалим и се ноаѓал во куќата на Симон лепрозниот, му пристапила жената блудница и на Неговата глава излила скапоцено миро. Од кои побуди се раководела таа!

Бидејќи забележала дека Христос е сочувствителен кон сите, и дружељубив, та особено сега, кога видела дека Он е влезен во куќата на лепрозниот, а законот налагал таквиот да се смета за нечист и одлачен од заедницата, таа заклучила дека Он, како што и Симоновата лепра, така ќе ја исцели и нејзината душевна болест. И, ете, додека Он вечерта седел на трпезата, таа излива на Неговата глава миро, вредно околу тристотини динари, т.е. шеесет асарии, десет пенези и три сребреници. Учениците ја спречувале, особено Јуда Искариот, но Христос застанал во нејзина заштита, за тие да не ја спречат нејзината добра намера. Притоа го спомнал својето заминување, одвраќајќи го Јуда од предавството и удостојувајќи ја жената со чест, со тоа што насекаде низ светот ќе се проповеда за нејзиното добро дело.

И на Велика Среда се читаат библиските текстови кои се во контекст со претходните денови и во врска со настаните од денот (на Утрената:Јован 12,17-50; на Литургијата: Матеј 26,6-16). Последното претсмртно помазание на Господа Христос е помазан со миро во Витанија (Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Лука 7,37-50; Јован 12,1-8).

Според евангелските сведоштва, Господ Исус Христос и апостолите ноќта ја поминале „во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот“ (Матеј 26,6). Во Евангелието, коешто се чита на Предосветената Литургија (Матеј 26,6-16), се вели дека токму на тој ден некоја жена излила миро врз главата на Господа Исуса Христа (Матеј 26,7). Со тоа, таа Него Го подготвила за погребение, како што рекол и Самиот Он (Јован 12,7).

На Исток, помазувањето со миро било позната работа. Тоа се правело на значајни личности (на цареви и првосвештеници) или, пак, кога во домовите на побогатите ќе дојдел значаен гостин, кој бил особено почитуван и уважуван – и тој бил помазуван. Обично, при помазувањето, ја помазувале косата на главата, челото, лицето и брадата, а кога сакале кон некого да покажат исклучителна почит, му ги помазувале и нозете.

Освен ова помазание, Евреите имале востановен обичај да ги помазуваат со мириси и телата на упокоените при погр*бувањето.

На Велика среда во некои краеви почнуваат да ги фарбаат велигденските јајца.
На овој ден се забранува перење, пиење, веселба.
Не треба да се работат тешки работи по дома.

Во утрото на Велика Среда, по завршената Литургија на Претходоноосветени Дарови, за последен пат се чита великопостната молитва на Св. Ефрем Сирин, и се прават три големи поклони. Потоа веќе не се прават поклони, освен пред плаштеницата на Спасителот во центарот на храмот.

Светиот свештеномаченик Антипа епископ Пергамски во Азија

Се спомнува во книгата на Откровението како „Антипа, мојот верен сведок“ (Откр. 2, 13), „кој беше убиен кај вас, меѓу кои пребива сатаната,“ т.е. во градот Пергам. Жителите на овој град живееја во мракот на идолопоклонството и во крајна нечистота; им беа робови на страстите, клеветници, насилници, крвомешачи и со еден збор сатански слуги. Антипа живееше меѓу нив „како светлина сред темнината, како роза среде трње, како злато во калта“. Во Пергам за добар и праведен се сметаше оној којшто би фатил и би убил еден христијанин. Целата незнабожечка вера се состоеше во гатањето, во толкувањето на соништата, во служењето на демоните и во краен разврат. Застрашени од Антипа како од оган, демоните им јавија на жреците во сон и им исповедаа дека се плашат од него и затоа мораат да побегнат и од овој град. Жреците кренаа толпа народ против Антипа и почнаа да го измачуваат и да го присилуваат да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите. Антипа им рече: „Кога вашите т.н. богови, господари на вселената, се плашат од мене којшто сум смртен човек и мораат да бегаат од овој град, зарем не познавате по тоа дека вашата вера е заблуда?“ И им говореше светителот за Христовата вера како за единствена вистинита и спасоносна. А тие се разјарија како ѕверови и го довлечкаа старецот Антипа пред храмот на Артемида пред кој стоеше излиен вол од бронза. Го усвитија волот со оган и го фрлија внатре слугата Божји. Во внатрешноста на волот свети Антипа Го славеше Бога со благодарност, како некогаш Јона во утробата на китот и тројцата младенци во огнената печка. Антипа се молеше за своето стадо и за сиот свет, се додека душата не го остави трошното тело и не се вознесе меѓу ангелите во Царството Христово. Пострада и стекна невенлива слава во 92 година.

Светите маченици Прокес и Мартинијан

Стражари во римскиот затвор во кој беа затворени апостолите Петар и Павле. Кога го слушнаа словото и ги видоа чудата апостолски, се крстија и ги пуштија апостолите од затворот. Апостолите излегоа од Рим, но по патот на Петар му се јави Господ, Кој одеше кон Рим. „Каде одиш, Господи?“, го праша Петар. А Господ одговори дека оди во Рим на ново распетие. Засрамени, апостолите се вратија во градот и таму ги фатија и ги пог*бија. Со нив беа пог*бени и овие двајца храбри стражари Прокес и Мартинијан.