Денеска е Велика Среда: Денот кога Јуда го предал Спасителот – Еве што не треба да правиме

ИЗВОРСкопје24
|

По влегувањето на Исус заедно со учениците во Ерусалим во пресрет на празникот Пасха, неговата популарност меѓу народот им пречела на властите и фарисеите и тие барале погодна можност да го фатат Исус и да го казнат. Прилика им се укажала во средата кога еден ученик Исусов по име Јуда Искариотски дошол кај фарисеите и им понудил да го предаде Исус за 30 сребреници. Ова предавство ќе биде вовед во страданијата Христови.

Со Велика Среда се поврзани повеќе верувања и обичаи. На Велика Среда се подготвува бојата за вапцување. Првите велигденски јајца, три на број, се бојадисуваат пред изгрејсонце на Велики Четврток.

На Велика Среда, навечер, се зачадувала стоката. Начадената стока се верувало е заштитена од болести и разни други несреќи.

И на Велика Среда се читаат библиските текстови кои се во контекст со претходните денови и во врска со настаните од денот (на Утрената:Јован 12,17-50; на Литургијата: Матеј 26,6-16). Последното претс*ртно помазание на Господа Христос е помазан со миро во Витанија (Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Лука 7,37-50; Јован 12,1-8).

Според евангелските сведоштва, Господ Исус Христос и апостолите ноќта ја поминале „во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот“ (Матеј 26,6). Во Евангелието, коешто се чита на Предосветената Литургија (Матеј 26,6-16), се вели дека токму на тој ден некоја жена излила миро врз главата на Господа Исуса Христа (Матеј 26,7). Со тоа, таа Него Го подготвила за погребение, како што рекол и Самиот Он (Јован 12,7).

На Исток, помазувањето со миро било позната работа. Тоа се правело на значајни личности (на цареви и првосвештеници) или, пак, кога во домовите на побогатите ќе дојдел значаен гостин, кој бил особено почитуван и уважуван – и тој бил помазуван. Обично, при помазувањето, ја помазувале косата на главата, челото, лицето и брадата, а кога сакале кон некого да покажат исклучителна почит, му ги помазувале и нозете.
Освен ова помазание, Евреите имале востановен обичај да ги помазуваат со мириси и телата на упокоените при погребувањето.

На Велика среда во некои краеви почнуваат да ги фарбаат велигденските јајца. На овој ден се забранува перење, пиење, веселба. Не треба да се работат тешки работи по дома.

Во утрото на Велика Среда, по завршената Литургија на Претходоноосветени Дарови, за последен пат се чита великопостната молитва на Св. Ефрем Сирин, и се прават три големи поклони. Потоа веќе не се прават поклони, освен пред плаштеницата на Спасителот во центарот на храмот.