УХМР прогнозира дека денеска и утре максималните температури на повеќе места ќе надминат 35 степени Целзиусови, а утре се очекува да достигнат 40 степени. УВ индексот ќе биде 9. Но, зголемената влажност на воздухот ќе придонесе да имаме чувство дека температурите се повисоки од измерените. Возрасните треба да пијат 6 до 8 чаши безбедна вода дневно, децата да пијат вода на секои 20 минути, а бебињата почесто да се дојат, советуваат лекарите од Институтот за јавно здравје на РСМ, и преку веб-страната на оваа институција.
Како што соопшти УХМР, целата територија на земјата ќе биде во т.н. жолта фаза за високи температури.
Во Скопје утринската температура ќе биде 19, а максималната дневна 37 степени. Најтополо ќе биде во Демир Капија, 40 степени, а најсвежо во Маврово, 28 степени.
До петок во попладневните часови на места ќе има пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на невреме. Потоа повторно следува период на сончево и топло време.
Поради тропското време, надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, односно да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), да консумираат лесна храна и течности, посебно да внимаваат при подготовка и консумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца, внимателно да консумираат сладолед и разни кремови, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а при влегување во возило треба одреден период да го проветрат.
Во текот на ваквите екстремно топли денови граѓаните треба да останат во затворени простории (пред се климатизирани), при неопходен престој на отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка, а хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија.