Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 12 декември.
Денеска е Св. Спиридон Чудотворец.
Свети Спиридон живеел во четвртиот век на островот Кипар. Родителите му биле прости луѓе и тој од младоста чувал овци. Кога му дошло времето, се оженил, но наскоро останал вдовец, па целиот свој имот почнал да го користи за да им помага на бедните. Подоцна бил избран за епископ во кипарскиот град Тримитунт. Господ го прославил овој чудесен човек со даровите на чудотворство и прозорливост. Откако добро и послужил на Црквата, се упокоил во 350 година. Неговите мошти се пренесени во седмиот век во Цариград, а во времето на турското освојување биле пренесени на грчкиот остров Крф.
Неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф и ден денес ,Го прославуваат Бога со многубројни чуда.
Поради благоста по која овој светец е запаметен, Свети Спиридон го прославуваат децата и мајките. Обичај е тие денеска што повеќе време да поминат заедно во разговор и дружење, за светителот да види колкава е нивната љубов и поврзаност.
Исто така, болните веруваат дека може да бидат излечени ако денешниот ден го поминат во некој манастир.
Постои предание според кое Свети Спиридон, од време на време, се симнува на земјата преоблечен во просјак или сиромав за да провери како живеат луѓето и дали и натаму знаат да покажат љубов и грижа кон блиските. Затоа се верува дека на денешниот празник не е добро да се одбие некој кој ќе ви побара помош, па ако на улица сретнете просјак мора да му помогнете или да му дадете милостина, зошто на тој начин го почитувате самиот Свети Спиридон.
За овој чудотворец се врзуваат неверојатни приказни, а една од нив е дека од змија направил злато и му го дал на некој сиромав да го врати долгот.
Се верува дека дури го запрел и текот на реката, воскреснал неколку луѓе, а ги излекувал и царот Константин од тешка болест.
Свети Спиридон, според верувањата, на еден трговец му продал 100 кози, а овој знаејќи дека Спиридон никогаш не ги брои парите, му исплатил само 99 кози, а за едната молчешкум си ги задржал парите. Кога трговецот тргнал да ги потера козите, сите поминале освен една. Се спротивставувала и не сакала да појде со него. Тогаш Свети Спиридон му се обратил на човекот кој сакал да го измами: „Животното ова не го прави залудно. Да не си ја задржал нејзината цена?“ Посрамениот трговец признал дека за неа не дал пари, а потоа ја исплатил и таа коза и таа веднаш тргнала по него.