Времето во Македонија ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер, град и пообилни врнежи (над 30л/м2).
Утринската температура ќе се движи од 11 до 20, а дневната од 24 до 31 степен. УВ-индексот ќе изнесува 7.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено попладне. Повремено процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме. Утринската температура ќе се спушти до 18, а дневната ќе се искачи до 27 степени.
Во четврток и петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а дневните температури ќе се задржат нешто пониски. Во сабота попладне ќе има повремен локален дожд.
И метеорологот Славчо Попоски излезе со слична прогноза. Според неговите информации, поради судир на две воздушни маси (потоплата од југ и посвежата од север) кој се во склоп на циклонот Глорија голема дестабилизација на времето не очекува во среда кога во најголем дел од државава ќе се развива нестабилна облачност и истата ќе биде проследена со врнежи од дожд како и со појава на грмежи.
Поради доста загреаната атмосфера и исполнета со енергија но и поради судирот на веќе споменатите две воздушни маси (постудената и потоплата) локално процесите ќе бидат интензивни и застапени во форма на невреме проследено со обилен пороен дожд (над 30 л/м2), силен ветер (над 80 км/час), силни електрични празнења како и со појава на град. Поради значителното количество на воден талог за кратко време локално не се исклучува можноста и за поплавувања, информира метеорологот Славчо Попоски.
Од четврток температурите на воздухот ќе бележат тенденција на значителен пади истите ќе се искачуваат во интервалот само од 22 до 30 степени што значи дека од четврток па натаму следува период на посвежо време со подпросечни температури на воздухот за овој дел од годината.