Денеска се чествува Третото наоѓање на главата на Свети Јован Крстител

ИЗВОРСкопје24
|

Во времето на прогонството на светиот Јован Златоуст, главата на свети Јован Крстител беше пренесена во градот Емеса. Оттаму, во времето на нападот на Сарацените таа беше пренесена во градот Комане (каде што беше прогонет светиот Јован Златоуст) и во времето на иконоборството, во 8 век, таа беше сокриена во земја. Кога престана иконоборството, на патријархот Игнатиј за време на ноќна молитва му беше откриено, во видение, местото каде што е скриена чесната глава на светиот Јован Претеча.

Патријархот му кажа за тоа на императорот Михаил, кој испрати луѓе во Комане, и ја најдоа, според видението на патријархот, во 850 година. Потоа чесната глава на Свети Јован беше пренесена во Цариград и положена во придворната царска црква, на 25 мај. Дел од чесната глава денес се наоѓа на Света Гора.

Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Кипарски

Монах и подвижник на островот Кипар, се удостои со епископски чин, а за време на прогонствата се удостои и со маченички венец. Неговото тело почиваше во една црква на Кипар. Кога во времето на Никифор удрија Агарјаните на островот Кипар, светителот му се јави на туторот на црквата и му кажа дека неверниците ќе го нападнат Кипар, па му нареди неговите мошти да се пренесат во Цариград. Туторот веднаш го изврши тоа.

Кога тргна коработ со кивотот, на морето се крена голема бура, но околу самиот кораб беше тивко и мирно, а од кивотот се разлеваше благоухание низ целиот кораб и наоколу. Тогаш туторот го отвори кивотот и сите го видоа преисполнет со миро излеано од моштите на светителот. Од тоа миро се намачкаа мнозина болни и оздравеа.

Во Цариград над чудотворните мошти изградија нова црква и почнаа да стекнуваат исцеленија сите што со вера им притекнуваа на светите чудотворни мошти. Со Божествената благодат од моштите на Свети Терапонт се исцелуваа најтешките болни од парализа, р*к, крвотечение, лудило, слепило, исушеност и разни други маки.