Денеска се чествува Светиот апостол Аристовул: Предаден од питач за два златника

ИЗВОРСкопје24
|

Според календарот на МПЦ , 29. ти март (16 март по стар стил) е ден посветен на Светиот апостол Аристовул

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Брат на светиот апостол Варнава. Родно место му е островот Кипар. Следбеник на свети апостол Павел, којшто во Посланието до Римјаните и го спомнува (16, 10). Кога великиот Павел поставуваше многубројни епископи за разни краеви на светот, тогаш го постави и Аристовул за епископ британски (англиски). Во она време народите во Британија беа диви, неверни и сурови, а Аристовул од нив претрпе неискажливи маки, беди и пакости. Безмилосно го биеја, го влечеа по улиците, му се подбиваа и го исмеваа.

На крајот, со силата на Божествената благодат, овој свет маж постигна успех. Ги просвети овие народи, ги крсти во името на Господ Христос, изгради таму цркви, посвети свештеници и ѓакони и најпосле мирно се упокои во Господа и појде во Неговото Царство.

Светиот маченик Савин

Мисирец од градот Ермопол и ермополски старешина. Во времето на едно гонење на христијаните се оддалечи на една планина, заедно со многумина христијани, и се затвори во една колиба во која времето го минуваше во пост и молитва. Но, просјакот којшто му носеше храна, а на кого Савин му имаше направено многу добрини, за два златника го издаде. Беа фатени Савин и уште шестмина. Војниците ги врзаа и ги одведоа на суд. После големи маки, Савин го фрлија во реката Нил и таму Му го предаде својот дух на Бога, во 287 година.

Светите свештеномаченици Трофин и Тал

Браќа по тело, од Сирија. Јавно и слободно Го проповедаа Христа и го изобличуваа елинското и римското безумство. Разјарените незнабожци решија да ги убијат со камења, но кога ги фрлаа камењата по нив, тие им се враќаа на напаѓачите, а браќата останаа неповредени. По ова обајцата ги распнаа на крст. Висејќи на крстовите браќата ги поучуваа и ги храбреа христијаните што стоеја наоколу нажалени. После маките Му го предадоа својот дух на Господа, Кому верно Му служеа. Пострадаа чесно во 300 година, во градот Вофор.