Православните христијани денеска го одбележуваат летниот Свети Никола, празник посветен на преносот на моштите на Светиот отец Николај- Мирликискиот чудотворец.
Свети Николај – Мирикискиот чудотворец.
Овој важен лик од христијанската традиција е роден кон крајот на 3 век во гратчето Патара во областа Ликија во Мала Азија на брегот на Средоземното море. Наречен е Мирликиски затоа што бил архиепископ во градот Мир во областа Ликија. Учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, каде што не можејќи мирно да ги прифати богохулните настапи на еретикот Ариј му удрил шлаканица и го посрамотил. Поради тоа бил отстранет од соборот, а едно време му бил одземен и епископскиот престол. Но кога тоа се случило некои од поправедните учесници на соборот имале видение: виделе како од едната страна на Св. Николај стои самиот Господ Исус Христос со евангелие во рацете, а од другата страна неговата мајка со омфор што било знак дека тој ја има нивната поткрепа. Тогаш во него виделе не обичен см*тник, туку божји угодник. Доживеал длабока старост и го напуштил овој свет на 19/6 декември 342 година откако 58 години како свештеник му служел на Исус и на својот народ. Со голема свеченост неговото тело било погребано во соборната црква во градот Мир каде што бил епископ. И додека бил жив св. Николај, а особено по неговото заминување на неговиот гроб доаѓал многу народ, барајќи исцелување од многу болести. Изворите сведочат дека во Мир доаѓале многу Скити (Словени) од долината на реката Дон што се поврзува и со големиот култ што св. Николај го има кај сите Словени, па и кај балканските по нивното преселување на овие простори.
Кога во 11 век Мала Азија била освоена од Турците на удар биле, пред се, христијанските светилишта кои биле запалувани заедно со моштите на светителите. Поради тоа многу народи од овие краишта, па и од градот Мир се иселиле. Тогаш Св. Николај му се јавил на еден побожен свештеник од Бари (Италија) и му заповедал да раскаже меѓу народот, моштите на светителот да бидат пренесени од Мир во Бари. Во тоа време јужните краишта на Италија биле со православно население. Така една експедиција од Бари, центарот на јужноиталијанската област Апулија, со три брода натоварени со жито, пристигнала во Мир, успеала да ги убеди жителите на овој град и црковните старешини да им ги дадат светите мошти. Така на деветти мај (с.с.) 1087 година патниците пристигнале во бари свечено пречекани од многу народ и со литии и други црковни обреди, моштите на Св. Николај биле положени во црквата на Св. Јован Крстител. Многу болни дошле кај светите мошти брајќи исцелување, а многумина од нив си заминале навистина оздравени. Веднаш започнала изградбата на храм посветен на Св. Николај кој наскоро бил завршен, а во него биле пренесени и светите мошти коишто тука почиваат до денес. Поради тоа овој датум, 9 мај по стариот или 22 мај по новиот календар се празнува како ден на пренесувањето на светите мошти на св. Николај Мирликиски, празник познат и под името Свети Никола – Летен. Некои семејства дури и цели села со литии и други обреди споменот на пренесувањето на моштите на св. Николај го празнуваат на 2 јуни, според новиот (или на 20 мај според стариот) календар.
Култот на св. Никола е познат од 6 век, а најстарото житие за него потекнува од 9 век. Важел за заштитник на целокупното насление од целиот свет поради што високо го ценеле не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците коишто како што сои во некои записи го викале “Ад’рбаба” (што значи јадар или голем татко).
Неговото житие сведочи дека од мал се одликувал со позитивни особини поради што стрико му кој исто така се викал Николај и бил ариепископ во Мир, побарал од неговите родители за да го подготват за свештенички позив и самиот го произвел за свештеник во градот Мир. Кога му умреле родителите, Николај го раздал имотот на сиромаси, но тоа не го правел јавно, бидејќи сметал дека за добиените дела не треба да бара јавни признанија. Кога умрел стрико му свештениците и епископите во Мир барале личност погодна за негова замена и сите се согласиле со тоа дека најпогоден за тоа е младиот Николај кој така станал архиепископ Мирликијски. За време на царот Диоклецијан кога брл вршен страшен прогон на христијаните и Св. Николај се нашол во затвор каде што останал подолго, но кога царот Константин го признал христијанството како религија и Св. Николај се вратил на архиепископскиот престол. се прославил со многу добри дела поради што бил многу омилен меѓу народот, сиромашните ги помагал, на сиромашните девојки им помагал да се омажат со тоа што им купувал мираз, младите ги советувал, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на грешните им укажувал како да си го поправат однесувањето. Сепак во житието најмногу се раскажува за чудата што ги правел на бродовите кога повеќепати морнарите ги спасувал од сигурна пропаст.
Од сево ова јасно се гледа дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со Свети Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристијански јунак на морето, водите и ветровите.