Денес се слави Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски: Око на црквата!

ИЗВОРСкопје24
|

На денешен ден се празнува преносот на неговите мошти и чудата произлезени од нив.
Роден во Александрија во 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар, и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Символот на Верата кој на Соборот беше усвоен.

По заминувањето на Александар, свети Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидијски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватните куќи, по пустините. На двапати бегаше во Рим. Едвај недолго пред заминувањето едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како светиот Атанасиј. Но, неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.

Светите маченици Борис и Глеб
Синови на великиот кнез Владимир, којшто го покрсти рускиот народ. Пред Крштението, Владимир имаше многу жени и деца од нив. Борис и Глеб беа браќа од една мајка. Пред смртта, Владимир им ја раздели државата на сите свои синови. Но, најстариот син, Свјатополк, кнез Киевски, посака да ги земе и деловите што им припаднаа на Борис и Глеб. Затоа испрати луѓе, па на едно место го уби Борис, а на друго Глеб. Овие двајца браќа беа необично побожни и во сè богоугодни и ја сретнаа см*тта со молитва и со срце воздигнато кон Бога. Нивните тела останаа нетлени и благоухани и беа погребани во Вишгород, каде што до денес од нив исходи благодатна сила, исцелителна за маките и болестите кај луѓето.

Светите маченици Еспер, Зои, Киријак и Теодул
Во времето на царот Адријан (117-138), незнабожецот Катал ги купи како робови овој Еспер, жена му Зои, и нивните синови Киријак и Теодул. Бидејќи беа убедени христијани, никако не сакаа да вкусат од идолските жртви, туку она што им се даваше да го јадат од тие жртви, тие им го фрлаа на кучињата, додека самите гладуваа и трпеа. Кога дозна за ова Катал се разгневи и почна тешко да ги измачува овие свои робови. Најнапред ги ма*еше децата, но децата останаа непоколебливи во верата, па дури и бараа од мачителот потешки маки. Најпосле сите четворица ги фрли во огнена печка, во која вознесоа благодарствена молитва и Му го предадоа духот на Господа. Нивните тела останаа цели и неизгорени од огнот.