Десетина предмети на СЈО застаруваат, кој се ќе се спаси од казна затвор

|

Во вторник попладне, последниот во август на Илинденска, премиерот Димитар Ковачевски, по некој вицперемиер и министри и заменици, како и специјално поканети директори и функционери, се собраа на 181-та владина седница. Потоа излезе соопштение, и главната вест на владиниот тим за односи со јавност беше дека владата формирала работно тело за проектот „50 села, 50 приказни“ за рурален развој.

Немаше ниту К од кривичен законик, а местото резервирано за министер или заменик министер за правда, кое според протоколот е лево од министерката за одбрана беше празна. Во фотељата ги нема ниту министерот Лога ниту неговата заменичка Мадиќ ниту државниот секретар Точи.

Но според документот за измените на Кривичниот законик токму на тој датум на владина седница се усвоени измените со кој функционерските кривични дела со јавни набавки се брише, а законските казни за злоупотреби на службената положба се намалуваат. Некаде меѓу приказните за 50 села, на владина седница се скриле 40-те разбојници и Али баба.

Само 5 работни дена по скришната владина точка, во Собранието експресно без долга дискусија и амандмани беа донесени измените.

Како дојде до измените?

Со измената на членот 353 не само што се намалуваат казните за злоупотреба на службена должност и овластување, туку и делата од 40 застаруваат за 10 години. Измени на рокот на застарување претрпе и членот 394 за злосторничко здружување.

Затечени беа и од обвинителството и од судовите и стана јасно дека не биле запознаени со намерите на Владата за протуркување на овие измени.

Сомнежите за тивка амнестија стануваа се погласни, но тоа не го спречи претседателот Стево Пендаровски да стави потпис на измените. И премиерот Димитар Ковачевски дообјаснуваше дека целта не е скриена амнестија.

„ТОА ШТО ПРЕТХОДНО ГО ИМАВМЕ Е ЗАКОН ВО КОИ КАЗНИТЕ БЕА ОД НЕКОЕ КОМУНИСТИЧКО ВРЕМЕ, БИДЕЈЌИ БЕА НАПРАВЕНИ ОД ЈАС ГО НАРЕКУВАМ НЕКОЈ „ДАРТ ВЕЈДЕР“ НА МАКЕДОНСКОТО СУДСТВО И ОБВИНИТЕЛСТВО, И ТОА НЕ ЗНАЧИ ДЕКА НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРОМЕНАТ“, ИЗЈАВИ КОВАЧЕВСКИ.

Ковачевски не прецизираше кој го претставува негативецот од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“. Но во целово сценарио на Владата, ако ја искористиме аналогијата на Ковачевски не е познато ни кој е Лук Скајвокер или „херојот“ во наводници кој стои зад овие измени.

Едно е сигурно, тоа не е работната група која 3 години работи на нов Кривичен законик, бидејќи измените не излегле од нивните редови.

Постојано се негира и дека скриената причина е пазарањето меѓу Владата и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за усвојувањето на уставните измени, а во центарот на збиднувањата е името на Груевски.

Обвинувањата дека тој вмешал прсти дојдоа од неговиот наследник во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, иако Мицкоски реши очи во очи да се разбере со Груевски за тоа дали прифатил „валкана игра“ со власта, фактот е дека поранешниот премиер ќе има ќар од измените.

Но, не само тој, со разрешница завршија многу мал дел од високопрофилните предмети на СЈО, останатите или беа заглавени во долги судски процеси или паднаа на Апелација, а сега дополнително им се заканува и дефинитивен крај.

Кои предмети на СЈО паѓаат во вода?

Но, во отсуство на официјални информации од обвинителството конкретно кои случаи се засегнати истраживме кој се од поранешните функционери ќе се офајди од измените. Во прашање се десетина случаи на поранешното СЈО како ТНТ, Талир 1 и 2, Титаник 1 и 2, Топлик, Траекторија, Трезор, Таргет-Тврдина, Тарифа, Тендери, Дизајн…

Од старт во вода падна предметот „Тенк“ за уривањето на Космос во кој Груевски беше неправосилно осуден на 9 години затвор. Му застаре и обвинението за злосторничко здружување во Титаник за изборните измами, но, на врат му се и други кривични дела.

За случаите Талир 1 и 2 за финансирањето на ВМРО ДПМНЕ и за белиот дворец на партијата времето поспоро отчукува. Тоа значи дека неговата одбрана нема да остане без работа.

Во затвор нема да оди за Тенк, а наредната година застарува пресудата од 1,5 година за насилството во Центар. Но, за највисоката казна од 7 години за „Плацевите на Водно“ која не е поврзана со измените, на потег е Врховниот суд.

Но, сепак не Груевски, туку поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше посочуван како лицето кое тајно се пазарело со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за промена на името.

Од тогаш Апелационион суд укина три пресуди против Мијалков за „Трезор“и „Таргет- Тврдина“ поврзани со прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности.

Делото за „Титаник 2“ му застари. Останатите случаи против Мијалков за разлика од оние на Груевски се директно поврзани со измените.

Мијалков во „Трезор“ се гони по став кој веќе не постои. Обвинителството ќе треба да го преквалификува делото и тоа да го стори што побрзо имајќи предвид дека за завршување на случајот има нецела година.

Имајќи предвид дека секој негов случај заврши на Апелација и да го осудат во најкраткиот можен рок постои голема веројатност тоа на крајот да биде бескорисно и Мијалков да се спаси од уште една казна затвор.

И во „Таргет-Тврдина“ му се избриша кривичното дело „злосторничко здружување“ и му останува злоупотребата на службената положба и овластување, која секако застаруваше 2025 година, бидејќи е под став 2, но сега максималната казна наместо 5 години е 4 години затвор.

Вкупно казната затвор за овие три случаи пред да паднат на Апелација изнесуваше 22 години. Мијалков во моментов отслужува казна од со кој му се одзема и имот вреден околу 30 милиони вера.

Обвинителката во „Таргет Тврдина“, Ленче Ристоска смета дека измените и те како влијаат на културата на неказнивост во земјава, која се протежира изминатите години. Обвинителството, според Ристоска, е ставено под една тешка и неблагодарна задача.

„ИМАМЕ КРАТКИ РОКОВИ, ТАМУ КАДЕ ШТО НЕ Е ЗАСТАПЕНА ЗАСТАРЕНОСТА ТОА ЕКСПРЕСНО ДА СЕ ЗАВРШИ. ОД ДРУГА СТРАНА РЕСУРСИТЕ СЕ ТАКВИ КАКВИ ШТО СЕ. НЕ НИ СЕ СРЕДЕНИ СОСТОЈБИТЕ, А СЕКАКО ВО ОДНОС НА ПРЕДМЕТИТЕ ВО КОИ СМЕ ВЛОЖИЛЕ МНОГУ И ВО РЕСУРСИ И ЕНЕРГИЈА ВЕЌЕ ТИЕ ПРЕДМЕТИ НИ ЗАСТАРУВААТ. ГОЛЕМ ДЕЛ ОД НИВ“, РЕЧЕ РИСТОСКА.

Но, сето тоа, ако се суди според нејзините зборови, нема да влијае Ристоска да се откаже од нејзините случаи.

„ЗА ПРЕДМЕТИТЕ ПО КОИ ШТО ЈАС ПОСТАПУВАМ ВО ТЕК НИ Е АНАЛИЗА ДА ВИДИМЕ ТОЧНО КОЈА ЌЕ БИДЕ ИМПЛИКАЦИЈАТА СО ОВИЕ ИЗМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК“, ДОДАДЕ РИСТОСКА.

Обвинителството со кус одговор. Како ќе се постапува, ќе се знае по анализата и по стручниот колегиум на кој ќе се разгледаат сите прашања поврзани со измените. Но, познато е дека „Начинот на примена ќе зависи и од фактите во секој предмет поединечно“.

И екс министерката Гордана Јанкулоска е дел од обвинението за „Таргет Тврдина“, кое според нејзиниот адвокат Влатко Илиевски виси во воздух.

„КАКО ЌЕ СЕ ПОСТАВИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО И СУДОТ ВО ВРСКА СО ОВИЕ ИЗМЕНИ НЕ ЗНАМ. НА ПОТЕГ Е ОБВИНИТЕЛСТВОТО. ЈАС ПРЕТПОСТАВУВАМ ДЕКА ТИЕ ЌЕ СЕ ОБИДАТ ДА ИЗВРШАТ ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА НА ДЕЛОТО СОГЛАСНО СЕГА ВАЖЕЧКИТЕ ОДРЕДБИ, НО СМЕТАМ ДЕКА ТОА ИСТО ТАКА ЌЕ БИДЕ ПРОБЛЕМ, ОДНОСНО НЕ Е ВОЗМОЖНО“, ВЕЛИ АДВОКАТОТ ИЛИЕВСКИ.

Дополнително, согласно обвинението, потребно е сторителот да направил имотна штета, но, како што вели Илиевски вештачењето на обвинителството по ова прашање не било прифатено и со тоа дејствијата за кои се товари Јанкулоска не може да се опфатат со сегашните измени.

Јанкулоска во моментов отслужува 4 годишна затвор во Идризово за набавката на луксузниот мерцедес позната под случајот Тенк. Со сегашните измени максималната казна за делото за кое е осудена Јанкулоска е 3 години, кои и навршуваат за неколку дена.

Истовреме Јанкулоска е единствената висока функционерка од ВМРО-ДПМНЕ која е осудена за злоупотреба на службената положба и овластување. Во истиот кош е и функционерот од пониските ешалони, поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески кој доби 7 години затвор за злоупотреба со превозот на ученици во предметот Транспортер.

„ТОА ШТО ДРУГИ ОБВИНЕТИ СЕГА СПОРЕД ЧЛЕН 353 СТАВ 5 МОЖЕБИ ЌЕ ИМ ЗАСТАРИ ДЕЛОТО И ЌЕ ИЗБЕГНАТ ОДГОВОРНОСТ НЕ НЕ ПРАВИ ПОВЕЌЕ ОБЕСПРАВЕНИ, НИТУ ЌЕ ЈА НАМАЛИ ТАА ОБЕСПРАВЕНОСТ ДОКОЛКУ ДРУГ Е ОСУДЕН И ЗАПОЧНЕ ДА ИЗДРЖУВА КАЗНА ЗАТВОР БИДЕЈЌИ НИЕ ЛИЧНО СМЕТАМЕ ДЕКА НИКОЈ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ КАЗНЕТ И КРИВИЧНО ГОНЕТ СПОРЕД ОДБРЕДБИТЕ КОИ ВАЖАТ ПО КЗ ОД ЧЛЕН 353“

Уште еден нивен сопартијец, екс министерот Миле Јанакиески неодамна заврши зад решетки, но за изборни измами во Титаник.

Често пати беше предмет на твитер реакции, меѓудругото бидејќи полицијата го бараше дома за да го носи на рочиште, а тој лежеше во затворот во Шуто Оризари. Сега и тој ќе се прости од неколку обвиненија.

Јанакиески како и Груевски нема да одговара за ТНТ. Дополнително му застаре делото за случајот „Топлик“ кој се однесуваше на изградбата на Сончев град, а случајот Траекторија за кинеските автопати каска.

Дали во октомври „Траекторија“ ќе се соочи со ќор сокак кога случајот застарува, зависи од обвинителката Лиле Стефанова, која е многу шкрта на зборови.

„Судењето продолжува се додека предметот не застари“.

За одбрана на Јанакиески ситуацијата е апсурна.

„ПРОБЛЕМОТ Е ШТО ЗАКОНОТ ЗА КРИВИЧНА ПОСТАПКА, ВО КОНКРЕТНИОТ СЛУЧАЈ НЕ ДОЗВОЛУВА ДА СУДОТ САМИОТ МОЖЕ ДА ГО ДОНЕСЕ ТОА БЕЗ ПРЕДЛОГ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО, ШТО Е ЕДНА АПСУРДНА СОСТОЈБА, ЗАТОА ШТО ЗАМИСЛЕТЕ ДЕКА НА ПРИМЕР ПОЧИНАТ ЧОВЕК ДОКОЛКУ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОД БИЛО КОИ ПРИЧИНИ САКА ДА ТЕРА ИНАТ И НЕ ГО ПОВЛЕЧЕ ТОА ОБВИНЕНИЕ СУДОТ БИ МОРАЛО ДА ТЕРА ДО ЗАВРШУВАЊЕ НА СУДСКАТА ПОСТАПКА И ДУРИ ТОГАШ ДА ДОНЕСЕ ПРЕСУДА“, ПОСОЧУВА МИЛАНОВ.

Но, Јанакиески го чекаат уште посети на Кривичниот суд бидејќи како и неговиот шеф Груевски и тој во Талир 1 се гони за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и иако едното кривично дело му застарува во 2025 година, обвинет е и за перење на пари. Засегнати од измените се и „Шпанските скали“.

„ПРЕДМЕТИТЕ КОИ ШТО НЕ СЕ ЗАСТАРЕНИ И КОИ ШТО СОГЛАСНО ИЗМЕНИТЕ НЕМААТ УСЛОВИ ДА БИДАТ ПОВЛЕЧЕНИ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО ДЕЛОТ КАЈ ШТО НЕ Е ЗАСТАРЕН, НОРМАЛНО ЌЕ ПРОДОЛЖИ ПОСТАПКАТА СО ДОКАЖУВАЊЕ ВО ТИЕ ПОСТАПКИ“, ДОДАВА МИЛАНОВ.

Во Основен Кривичен суд Скопје во моментов се водат 68 постапки против 298 лица по членот 353. Измените ќе имаат влијание врз сите овие предмети бидејќи сторителите и да бидат осудени дека се огрешиле за време на службата ќе добијат помали казни. Трагичарот од актуелната власт е екс генералниот секретар Драги Рашковски кој во случајот Софтвери беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената должност и овластување, а за перење пари, една и пол година затвор. Неговиот наследник на функцијата Мухамед Зекири или пак градоначалниците Стевчо Јакимовски и Рамиз Мерко, ако бидат осудени во предметите кои се водат против нив ќе поминат полесно, како и сите наредни сторители на вакви кривични дела.

Извор: Телма