Димитров и Дачиќ разговараа: Најавија кога ќе се отвори границата со Србија

|

Границата со Србија треба да се отвори до крајот на месецот – на повидок и нова трилатерална средба на островот Крф помеѓу шефовите на дипломатиите на Грција, Србија и Македонија. Евроинтеграции, мини шенген, унапредување на билатерланата соработа помеѓу Скопје и Белград, но и отворање на границите за северниот сосед беа темите на разговор помеѓу Дачиќ и димитров денеска во Ниш.

Шефот на српската дипломатија порача дека Србија на 22 мај ги отвори границите за македонските граѓани без никакви ограничувања или карантин.

Ивица Далиќ МНР Р.Србија – Имајќи предвид дека ниту Србија, ниту Северна Македонија не се изолирани острови и сите тие одлуки е важно да ги систематизираме и да знаме во регионот кој какви прописи има, бидејќи тоа луѓето пред се ги интересира. За нас е битно како и во кој правец ќе се одвива нашата комуникација со Северна Македонија и дали луѓето ќе може да патуваат, поради што на состанокот беа присутни и епидемиолози, од чии ставови зависат и нашите политички одлуки во поглед на границите.

Иако првичниот план беше на 15 јуни да се отворат границите сепак состојбата ќе се разгледува во координација со министерот за здравство Филипче , вели Димитров.

Никола Димитров МНР – Ќе разговараме поинтензивно овие денови и во рамките на ситуацијата и ситуацијата во регионот, овие денови треба да пресечеме и да ја донесеме таа одлука. Мислам дека таква одлука треба да се очекува во текот на овој месец јуни, иако е малку неблагодарно ова да се предвидува со оглед на непредвидливоста на ситуацијата.

Засега не се знае ниту дали Грција на 15ти ќе ја отвори границата за Македонија поради растот на новозаболени, иако грчкиот премиер Мицотакис најави дека земјата се спрема за официјално отворање на туристичката сезона. Во меѓувреме Дачиќ денеска најави трилатерална средба заедно со Дендиас и Димитров на грчкиот остров Крф, на која ќе се разговараат деталите за транзит на граѓаните помеѓу овие три земји во текот на летото.

Дачиќ денеска изрази поддршка и за македонските евроинтеграции, кои според него треба да бидат поинтензивни а Македонија конечно да ги отпочне преговорите со Унијата.