Дисингер: Очекуваме 100.000 луѓе на дочекот во Скопје

ИЗВОРСкопје24
|

Кристијан Дисингер во својата прва сезона во дресот на Вардар ги освои срцата на навивачите. Германецот со својата упорност и борбеност веднаш стана меѓу омилените играчи во тимот.

Иако доживеа повреда против Загреб на завршниот турнир во СЕХА-лигата, тој со брза рехабилитација успеа да се врати на теренот пред турнирот во Келн. Дури и ја одложи операцијата на раката само да настапи во завршницата од Лигата на шампиони.

„Мислам дека треба да очекуваме 100.000 луѓе низ улиците на Скопје. Нашите фанови не подржуваат како ‘луди’“, изјави Дисингер.

Инаку, раководните лица на Вардар успеаја да ја променат денешната агенда на новиот европски шампион, и побрзо од предвиденото ќе се вратат во македонската престолнина.

Според последните најави ќе биде организиран чертер лет и вардаровите херои наместо на полноќ, во Скопје ќе пристигнат во 16:15 часот, и од аеродром ќе се упатат до плоштадот „Македонија“, каде ќе им биде организиран достоен пречек.

Вардар со две моќни партии во Келн по вторпат во својата историја се искачи во кровот на ракометна Европа. Во синоќешното финале македонскиот тим со 27-24 беше подобар од големиот ривал Веспрем, додека во полуфиналето ја изненади Барса.