Дневна евтина тарифа од 1 декември само за корисниците кои имаат дигитални броила, останатите ќе чекаат

|

Само 170.000 домаќинства кои имаат дигитални броила со сигурност ќе добијат евтина дневна тарифа на 1 декември. ЕВН мора да чека прво одлуката да стапи во сила за да може да ги сетира останатите броила и тоа не може да го направи пред 1 декември бидејќи во таков случај, тие домаќинства ќе добијат евтина тарифа уште пред нејзиниот официјален старт.

Екипите на ЕВН ќе мора да излезат на терен и рачно да сетираат 650.000 броила.

– Сетирањето на броилата ќе се спроведува според претходно утврден план. Планот за сетирање на броилата секогаш навремено се реализира, но важно е да се напомене дека во вакви ситуации корисниците треба да им овозможат пристап до броилата на екипите на Електродистрибуија за да може што побрзо и полесно да се спроведе сетирањето, велат од ЕВН.

Но Владата не ги интересира овие технички проблеми. Вицепремиерот Битиќи тврди – на 1 декември сите мора да добијат евтина дневна тарифа.

– Јас можам да им дадам помош, ако ЕВН Хоум немаат помош, ќе одам лично да ги сетирам ако тоа е проблемот. ЕВН Хоум е повикана на 1 декември да испорача евтина тарифа за сите. Како тоа ќе го направат, тоа е нивна надлежност и одговорност, вели Битиќи.

Иако на големо се најавуваше враќање на евтината дневна тарифа од 1 јули, Регулаторната комисија се пишмани, па тоа ќе се случи од први декември. Дневната евтина тарифа ќе има два часа дневно во периодот меѓу 13 и 15 часот.

Евтината тарифа беше укината пред повеќе од една година поради електро-енергетската криза.

Од први месецов, сметките за струја добија и повисоко ДДВ кое надлежните од 10 го вратија на 18%.