Производителот Боинг се обидува да ги открие причините за последниот инцидент кога Боинг 737 макс 8 се урна кратко по полетувањето. Ист ваков случај имаше и неодамна, по што се вклучи аларм за да се откријат причините за падот на авионите.
Во меѓувреме, многи авио компании кои го користат овој модел на авион, информираа дека ќе ги приземјат овие воздухоплови, но многу информираа дека ќе продолжат со летање, следејќи ги безбедносните процедури од производителот.
Околу 350 авиони „боинг 737 макс 8“ оперираат низ светот, а ги поседуваат околу 54 оператори. Патниците можат да ја проверат целата листа со авиокомпании што летаат со ваков авион на веб-страницата на „Боинг“.
Етиопиан ерлајнс: Превозникот нема да ги користи преостанатите четири вакви авиони до понатамошно известување поради внимателност.
Кајман ервејс: Оваа авиокомпанија има два нови вакви авиони. Во понеделникот соопшти дека привремено нема да ги користи додека не добие повеќе информации.
Американ ерлајнс: Американскиот авиопревозник има 24 „737 макс 8“ и вели дека во моментот нема планови да не ги користи.
Во соопштение, „Американ ерлајнс“ изрази сочувство до семејствата на загинатите и рече дека ќе продолжи да ја следи истрагата за несреќата.
Саутвест ерлајнс: Овој американски превозник има 34 од авионите и не планира да ги промени своите оперативни политики или процедури.
– Остануваме уверени во безбедноста на нашата флота од повеќе 750 авиони „боинг“ – се вели во изјавата на оваа авиокомпанија.
Норвежиан ерлајнс: Авиопревозникот од Норвешка ќе продолжи да работи со 18 од овие авиони.
– Комуницираме со компанијата и ги следиме инструкциите и препораките на нивните воздухопловни власти. Безбедноста на нашите патници е и секогаш ќе биде наш врвен приоритет – изјави Томас Хештамер, директор на операции за лет.
Исланд ер: „Исланд ер“ вели дека нивните три авиони летаат.
– Во оваа фаза не преземаме никакви дејства, но, сепак, ги следиме случувањата и ќе продолжиме да правиме сè што е во наша моќ за да осигуриме безбедност – се вели во соопштението на компанијата.
Флај Дубаи: “Флај Дубаи“ има единаесет „боинг 737 макс 8“ и вели дека останува сигурен во безбедноста на својата флота.
– Ја следиме ситуацијата и продолжуваме да контактираме со производителот. Безбедноста на нашите патници и членови на екипажот е наш прв приоритет. Авијацискиот сектор е високо регулиран и „Флај Дубаи“ строго се придржува кон сите прописи – велат од компанијата.
Канадски Вестџет: Канадската авиокомпанија вели дека има 13 „макс 8“ и 121 „боинг 737“ во својата флота.
– Внимателно ја следиме ситуацијата и нема да шпекулираме за причината за несреќата. „Вестџет“ останува сигурен во безбедноста на нашата „боинг“ флота вклучувајќи ги и 13-те „макс 8“ авиони – велат од авиокомпанијата.