Доколку не добиете пасош може да ја тужите државава: Хелсиншки бесплатно ќе ве советува како

ИЗВОРНов лист
|

Македонските граѓани се повеќе се жалат поради недостигот на патни исправи.

Владата пред некој ден воведе рестриктивни мерки според кои МВР ќе ги издава последните околу 4.000 преостанати патни исправи, пред да дојде новата пратка од Германија која во земјава треба да стаса кон средината на март. Предност за новите патни исправи ќе имаат само оние со ургентни потреби – медицински или професионални.

Пасоши ќе добијат 650 граѓани кои аплицирале во итна постапка. А од останатите предност ќе добијат само оние кои имаат неодложно лекување во странство.

Во Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека нудат бесплатно советување за сите засегнати граѓани кои ќе решат да го тужат МВР, кое според Законот за патни исправи е должно да им обезбеди лични документи на граѓаните, но и да ги обештети оние кои претрпеле материјална штета, пренесува „Плусинфо“.

Следната пратка од 100.000 обрасци според договореното со германската компанија „Веридос“, треба да пристигне на 24 март и таа ќе биде последна со старото име на земјава.

Според техничкиот министер Наќе Чулев, причината за проблемот е лошото планирање на службите. Тој интервенирал кај поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но тврди дека не наишол на разбирање.

– Целокупната одговорност за хаосот во кој се наоѓа нашата држава, а чии последици најмногу ги трпат граѓаните ја има Оливер Спасовски, кој бил должен да преземе мерки со кој ќе се спречат овие дејствија. Спасовски четири години не преземал конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасците за личните документи и тоа е единствената причината поради која до ден денес не е решен проблем со недостаток на обрасци и издавање на лични документи што ќе предизвика и понатамошни последици – обвини Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи.