Дополнителна забрана за движење за младите до 18 години и возрасните над 65 години

|

Дополнително ќе се ограничи движењето на возрасните лица над 65 години и на младите до 18 години, рече министерот за здравство, Венко Филипче. За новото ограничување ќе се разговара на владина седница попладнево.

„Утрово на состаноците со Комисијата за заразни болести и со централниот кризен штаб разговаравме за дополнително зајакнување на мерките за движење за граѓани во ризична група, односно оние над 65-годишна возраст, како најризична група според објавени публикации од земјите во светот и за младите до 18 години кои се преносители на болеста. Денес во 17 часот на седница ќе ги дискутираме овие мерки и ќе известиме за одлуката“, рече министерот за здравство, Филипче.

Доколку се донесе одлука, за посочените категории граѓани полицискиот час ќе трае подолго, а за сите останати на сила останува мерката за забрането движење во периодот од 21 часот до 6 часот следниот ден. Движењето за време на полицискиот час е дозволено само со посебни одобренија.