Дополнителни субвенции за земјоделците – Еве кои се условите

|

Професионалните земјоделци имаат право на дополнителни субвенции. Кај три категории на производители има и зголемување на финансиската поддршка од 5 до 20 проценти. Во националната програмата за земјоделството останува и мерката за складирање на новиот род на пченицата.

Во првата категорија, условот за користење дополнителна помош од 5 проценти го остварува регистрирано правно лице во регистарот за земјоделски стопанства, кое е основано од семејно-земјоделско стопанство со целиот земјоделски имот освен објектите за домување.

Втората категорија се младите земјоделци кои ќе имаат право на уште 10 проценти од основниот износ на субвенциите поради нивното останување во руралните средини како и за стимулирање на работењето во оваа дејност.

Исто зголемување им следат и на земјоделските задруги за остварено и продадено производство преку задругата.

Четвртата категорија со поголема финансиска поддршка се регистрираните индивидуални земјоделци или регистрираниот земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидско осигурување.

За нив, субвенциите се поголеми за 20 проценти.

На дополнителната помош, може да сметаат и земјоделците за чувањето на пченицата од домашно производство од реколтата во 2022 година, предадена во регистрираните капацитети за складирање во август годинава.