Остар пад на цените на станбените недвижности во Германија. Цените нагло паднаа во вториот квартал, покажаа податоците на заводот за статистика како одраз на влијанието на високите каматни стапки врз побарувачката. Цените на недвижностите потонаа во периодот од април до јуни за 9,9 отсто во споредба со истиот период минатата година, што е најголем пад откако Дестатис почна да собира податоци во 2000 година.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
На тримесечно ниво се намалени за 1,5 отсто. Во градовите како Берлин, Хамбург и Минхен становите биле поевтини за 9,8 отсто од вториот квартал од минатата година, а семејните куќи за 12,6 отсто. Во ретко населените рурални средини е забележан поблаг пад на цените, па становите поевтинија за 7,0 отсто, а семејните куќи за 8,1 отсто.
Падот на цените го одразува слабеењето на побарувачката под притисок на високите каматни стапки, што го натера водечкиот германски инвеститор за недвижнини Vonovia да ги одложи плановите за изградба на 60.000 станови.
Компанијата ги истакнува и високите трошоци за изградба, кои, според портпаролката, се зголемени од околу три илјади евра за метар квадратен на околу пет илјади евра за метар квадратен.