Друштвото на писатели ги додели годишните награди и го прошири членството

ИЗВОРНов Лист
|

Во пресрет на 75-годишнината од основањето, Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) ги додели годишните награди на добитниците за 2021 година.

„Стале Попов“, наградата  за најдобро прозно остварување минатата година ја доби Ивица Челиковиќ . Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга му припадна на Санде Стојчевски за стихозбирката „Великата лирска песна: песни за Неа“ во издание на „Дијалог“.

Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра критичко-есеистичка му е доделена на Димитар Пандев за делото „Времето на Конески“ во издание на „Панили“. Наградата Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби Венко Андоновски за романот за деца „Имаш пчела на носот: роман за њу тајмер и олдтајмер тинејџери“ на издавачката куча „Паблишер“.

На годишнината од основањето, ДПМ има шест нови членови – автори кои, како што информира писателската асоцијација, добиле некоја од престижните книжевни награди и веќе стекнале сериозна писателска репутација.

Претседателството на ДПМ овојпат одлучило да направи исклучок од вообичаената практика на проширување на бројот на членови преку јавен повик на кој се пријавуваат кандидати и директно да покани за членство.

Поканата за членство во ДПМ ја прифатија: Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска-Анѓелков и Никола Маџиров.

-Се радуваме и го поздравуваме нивното зачленување во ДПМ и очекуваме нивната понатамошна активност да внесе дополнителен квалитет и креативна разнообразност, соопшти ДПМ.

На 13 февруари 1947 година Друштвото на писателите на Македонија го основале: Блаже Конески, Димитар Митрев, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Ристо Крле, Иван Точко, Венко Марковски, Владо Малески, Ацо Шопов и Коле Чашуле.