Државата во пламен, еве кои места горат во моментов

ИЗВОРСкопје24
|

Во моментов активни се повеќе пожари на територијата на целата држава: Матејче, Влаин гроб- Кумановско, Градоманци кај Катлановска Бања, регионот над селото Арачиново, Бајковска караула-Струмица, село Брест-Македонски Брод, Пресека-Безиково кај Кочани и во Тетовско кај селата Седларево и Лакавица, општина Желино.

Поради раширените шумски пожари, согласно со Законот за шумите од денеска се воведува забрана за движење во шума и шумско земјиште од 00 до 24 часот. Забраната ќе трае сê до нејзино отповикување, соопшти вечерва Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Физички лица кои нема да ја почитуваат забраната и ќе бидат затекнати како се движат во шума и шумско земјиште, ќе бидат парично казнети од 1.500 до 2.000 евра.

Забраната не важи за движење во парк-шумата Водно, Гази Баба како и за организирани тури на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена, националните паркови и заштитените подрачја со посебна намена во Република Македонија кои ќе бидат одобрени со дозволи од соодветните субјекти кои стопанисуваат / управуваат со шумите во придружба на нивни преставник.

Забраната не важи за вработените во ЈП „Национални шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (национални паркови, парк-шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл).

Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми“, субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (национални паркови, парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл) кои вршат дејност заштита, МВР, Шумска полиција, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Државниот инспекторат за животна средина и други инспекторати до слична надлежност.

МЗШВ ги информира сите граѓани дека се забранува палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште, како превентивна мерка за заштита на шумски пожари.

За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра за прекршок на физичко лице.

Поради зачестената појава на шумски пожари во последниов период на територијата на целата држава, со што е сериозно загрозен шумскиот фонд,ЈП „Македонски шуми“ апелира шумите да се зачуваат од пожари.

Директорот на претпријатието Зоран Ѓорѓиев изјави дека пожарите продолжуваат и добиваат загрижувачки замав, и покрај сите апели и предупредувања и учеството на голем број вработени од сите подружници на „Македонски шуми“ во гаснењето и локализирањето.

– Апелирам до неодговорните и несовесни граѓани да внимаваат на шумите како добро од општ интерес и сите работи кои се изведуваат во шума да ги работат совесно и со особено внимание. Пролетта е период на подготовки за пролетна сеидба со разни култури на нивите и полињата, при што најчесто на неадекватен начин се чистат нивите и палат отпадоците и стрништа. Упатувам апел до сите кои се движат и работат во шума, излетниците и сите посетители на шумата, да внимаваат кога работат со лесно запаллив материјал бидејќи е доволна само мала искра за да се потпали сувата трева и друга нискостеблеста вегетација, истакнува Ѓорѓиев.

Тој порача да не се фрлаат цигари и отпушоци од цигари и догорчиња. Граѓаните, како што се наведува, можат да помогнат во рано спречување на нивното ширење со дојава во надлежните институции.