Нова трагична вест за изгубен млад живот, донесе нови прашања и дилеми. На социјалните мрежи се ширеа теории и разни информации. Се огласија и професори. Со тоа, започна и потрагата по одговори за психолошката состојба на учениците. Со што се соочуваат дома, на училиште, како се справуваат со случувањата и каква поддршка им е потребна. Психолозите алармираат дека во Македонија сè уште не се обрнува внимание на емоционалното здравје на младите, а државата води грижа само за физичката благосостојба на учениците.
Јас не знам зошто децата од прво одделение да не учат за своето ментално здравје, за начинот на комуникација со своите другарчиња, за прифаќањето. Целиот школски систем би требало малку поинаку да биде управуван и планиран и поинаку да се вложува во него. Ние никаде во законите за основно и средно образование немаме никаква напомена за менталното здравје на учениците. Да – имаме за физичкото здравје, нели фискултура, па часови, па натпревари. Сето тоа убаво е напишано во законите. Ама за менталното, за емоционалното здравје нема ниту една буква. Психолозите се спомнати дека треба да работат со децата или со родителите, но само во случај кога има проблеми, вели Мирјана Јовановска – Стојановска – Претседател на Комората на психолози.
А, проблемите можат да се превенираат и луѓето можат да се справат со нив. Потребно е да се разговара, да се најдат „корените“ на проблемот особено ако се знае дека причината за одредена психолошка состојба на младите е поврзана со случувањата во училишните клупи.
Што ние подразбираме под „има корени во училиштето“?! Дали начинот на којшто се одвива наставата, дали децата кои се тука во училиштето, дали некои луѓе кои доаѓаат во училишниот двор, дали родители кои доаѓаат да ги земат децата. Широк поим е тоа, многу е измешано. Важно е ние прво да откриеме што ја предизвикува анксиозноста, да бидеме тука секогаш за него и да разговара со нас. Но, тоа не може да биде идеално тоа и мора да најдеме начин. Обично децата секогаш имаат свои тајни и разговараат нешто свое, додава Јовановска – Стојановска.
„Секој од нас би требало еден месец да помине како наставен кадар за да ја разбереме проблематиката“, заклучува Мирјана Јовановска – Стојановска. Повика повеќе да се вложува во оваа професија, од секој аспект. Вели дека има многу наставници и професори кои совршено си ја работат работата, но има и такви луѓе кои заради некои свои животни проблеми не одговараат на тоа што се бара од нив за да ги воспитуваат децата на правилен начин.
Петар Догов