Во јунската сесија ќе се полагаат трите екстерни испити од државната матура од учебната 2020/2021 година, од 29 мај до 14 јуни. Листата на изборни предмети за третиот екстерен испит годинава е проширена со уште два предмета – информатика и географија, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини, а новина има и за проектната задача која ќе содржи истражувачки дел.
Матурантите до крајот на оваа година треба да пријават каков вид на матура ќе полагаат – државна матура (за матуранти кои планираат да се запишат на факултет); училишна матура (за матуранти кои нема да продолжат во високото образование и ќе полагаат пред училишна комисија) и завршен испит (за матуранти од стручно образование кои нема да полагаат државна матура). Тие што ќе пријават државна матура треба да ги наведат и предметите што ќе ги полагаат.
Задолжителен е првиот екстерен испит, мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литертаура, и ќе се полага на 29 мај 2021. Вториот екстерен испит е избор помеѓу странски јазик и математика. Полагањето на странскиот јазик (англиски, француски, германски или руски) е закажано за 5 јуни, а за 14 јуни е тестот за тие што ќе изберат математика. На 11 јуни, пак, ќе се полага третиот екстерен испит за кој матурантите може да избираат меѓу 10 предмети (естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис и првпат за оваа државна матура – информатика и географија).
Минатата недела, државниот испитен центар (ДИЦ) формирал комисии кои ќе ги изготват прашањата за испитите од новите два изборни предмета. За да биде во листата на матурски испити, потребно е одреден предмет да се слуша најмалку две години со одреден фонд часови. Информатиката е воведена и затоа што е барана од учениците, бидејќи многу од нив во изминатите години се заинтересирани за факултетите од областа на информатичките технологии.
Директорката на ДИЦ Елизабета Наумовска за МИА изјави дека за испитниот материјал за екстерните испити од државната матура ќе се земат предвид скратените наставни програми што Бирото за развој на образованието ги направи поради тоа што учебната година почна еден месец подоцна. Наставните програми, посочи Наумовска, најчесто се скратени во делот на утврдување, повторување или спојување две лекции во една, со цел да се опфатат часовите загубени во септември – просечно околу осум наставни часови по предмет.
Покрај трите екстерни испити, државната матура опфаќа и еден интерен испит за предмет по избор на учениците, како и проектна задача за која темата треба да ја најават до понеделник (30 ноември), а ќе ја предадат до крајот на март до училишна комисија. Според Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците, темата за проектната треба да биде конечна и внесена во пријавата/апликацијата што кандидатот ќе ја поднесе до 31 декември 2020 во училиштето, заедно со наведените екстерни испити кои ќе ги полага во јунската испитна сесија.
Има новини и за проектната задача во гимназиското образование – матурантите повеќе нема да ја пишуваат како есеј, туку ќе треба да содржи истражувачки дел, како што во стручното образование проектната задача е прозивод/продукт.
За одбрана на проектната задача напролет, Државниот испитен центар ќе изготви протоколи и за физичко присуство и доколку презентациите бидат онлајн, во зависност од ситуацијата со вирусот. Двете можности ќе бидат на располагање, ДИЦ ќе му ги понуди на Министерството за образование и наука, кое ќе ја донесе одлуката.
Иако законски само матурантите со положена државна матура може да се пријават на факултет, тоа не беше секогаш почитувано и контролирано, па факултети со помалку пријавени, запишуваа и кандидати со партиципација кои имаат училишна матура.
Наумовска за МИА соопшти и дека Државниот испитен центар паралелно со организирањето на државната матура 2021, подготвува и промени во полагањето државна матура за четиригодишното стручно образование, со тоа што листата ќе се прошири со три стручни предмети. Реформата треба да ги опфати учениците кои сега се втора година во стручните училишта. Новиот концепт се очекува да биде готов и јасен до крајот на следната учебна година за навремено да ги информираат учениците, а целта е да им се олесни пристапот до факултетите од областа за која учеле.
Државната матура за првпат годинава не беше организирана поради моменталната ситуација. Владата и МОН пролетта одлучија за генерацијата 2019/2020 да нема матурски испит и им овозможија на матурантите да се запишат на факултет со уверение за завршено средно образование.
Очекувањата на Наумоска се дека од 13 000 до 15 000 кандидати ќе се пријават да полагаат државна матура во јуни наредната година. Точните податоци Државниот испитен центар ќе ги има во јануари, по добивање на информациите од сите средни училишта откако учениците ќе се пријават до законскиот рок – 31 декември 2020.