ДУИ ветува решение на проблемот „седи дома-земај плата“ во државната администрација

|

ДУИ во новиот владин состав ги доби на менаџирање не само Министерството за јавна администрација, туку и проблемот со решавањето на т.н. рамковни вработени, кои досега седеа дома а земаа плата.
Реформата на јавната администрација која стартуваше уште со претходниот владин состав, не ги исполни во целост очекувањата.

Во министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се уште се наоѓаат околу 1300 вработени на кои треба да им се реши статусот. До пред две години беа 1749 рамковни вработени.
Артан Груби најави дека во соработка со министерот за информатичко општество и администрација, во најкус можен рок ќе обезбедат распоредување на сите вработени во согласност со Охридскиот рамковен договор во државните институции:
„Треба да се најде место во државните институции за 1.300 лица кои се сега вработени во Министерството за политички систем кое го водам. Тоа ќе ни биде приоритет. Ќе ги признаеме факултетските дипломи на сите административци и ќе ги мотивираме да се надградат себе си и својата иднина да ја гледат и да ја градат во нашата земја“.

Од синдикатот УПОЗ, кој која покрива најголем дел од државниот апарат изјавуваат:
„Решенија има, а има и места кои треба да се земат во предвид. Според сознанијата и разговорите што ги имавме уште со претходниот министер за јавна администрација, во државната управа според систематизацијата и фактичката состојба има недостиг од кадри. И тука може да се реагира и да се надоместува. Во другиот сегмент на јавната управа, таму треба да се бара, но во еден дел има простор да се прераспределат“.

Деновиве и премиерот Зоран Заев предупреди дека дел од администрацијата не си ја работела својата работа за која е платена.
„ Не може наутро, одиме на работа, во 8 часот или во 8.30, кафето да го испиеме, весникот да го прочитаме, да искоментираме нешто, и надвор. Забележуваат луѓето, ни кажуваат – администрацијата ви шета, не работи. А најголем дел од парите од буџетот одат за администрацијата. Не може така, работното време е 8 часа. Ефикасноста мора да ја зголемиме. Велиме ќе ја достигнеме платата до 34 илјади денари, но таа плата треба да се сработи.“, изјави Заев.

Според најавите администрацијата ќе се намали за околу 20% главно преку пренасочување кон приватниот сектор.

Во моментов, државната администрација брои околу 140.000 лица, од кои помал дел се со статус на привремено вработени. Бројката можеби не е превисока, но факт е дека таа е неефикасна. а има и дел кои со години земаат плата, а не одат на работа. Само овие лица кои се на платен список во министерството за политички систем ја чинат државната каса околу 9 милиони евра годишно.