Ване Цветанов како претседател на државната институција Совет за унапредување и надзор на ревизијата ја ангажирал жена му Дунавка Трифуновска да му помага во работењето. Трифуновска која е поранешна мис на Македонија оди секој ден на работа во оваа државна институција, а како што вели Цветанов за САКАМДАКАЖАМ.МК за ангажманот не зема пари туку работи волонтерски.
Дунавка е ангажирана со договор за нула денари. Нормално дека жена ми ќе дојде да ми помогне во работењето кога гледа дома колку работа имам, а немам доволно вработени. Министерството за финансии не ми одобрува вработувања, а пред две години една вработена замина во пензија, лани во март и сметководителка ја напушти институцијата. И покрај тоа што законски ми следуваат вработувања и имаме пари, министерот за финасии не ми одобрува вработувања. Затоа Дунавка ми помага, а за тоа не добива ниту денар и немам зошто тоа да го кријам, вели Цветанов кого Владата на оваа функцијата го назначи во јули 2019.
Цветанов не смета дека има нешто спорно во тоа што Трифуновска со која имаат склучено само црковен, но не и граѓански брак, работи во институцијата со која тој раководи. Потврдува дека заедно со него одела на службени патувања дома и во странство.
Инаку Дунавка и Ване по само неколку месеци брак се разведоа, но исто така по неколку месеци повторно се смирија, па поради тоа се венчани само во црква.