Два камиони на фирма од Мала Речица покажале фалсификувани лиценци на граница

|

На граничните полицајци на преминот Ново Село кон Бугарија, возачи на две товарни возила на фирма од тетовска Мала Речица покажале фалсификувани документи за учество во меѓународен сообраќај. Случајот е преземен од обвинителството, а МВР не соопшти за која фирма станува збор.

МВР соопшти дека камионите се откриени денеска:

-Денеска (04.01.2022), полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Ново Село извршиле контрола во две товарни возила, со тетовски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од с.Мала Речица, тетовско. При контролата било утврдено дека возилата не поседуваат уредна документација, односно лиценците и изводите за вршење превоз во внатрешен и меѓународен патен сообраќај се фалсификувани. Од претставник на Државниот инспекторат за патен сообраќај при Министерството за транспорт и врски возилата биле исклучени од сообраќај и им биле одземени сообраќајните дозволи. Додека, пак полициски службеници од СВР Струмица ги одзеле лиценците и изводите за вршење превоз во внатрешен и меѓународен патен сообраќај за понатамошна постапка.

За настанот бил известен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени пријави по член 284-а за „вршење на јавен превоз без лиценца” и по член 378 – „фалсификување исправа” од Кривичниот законик.