Дваесет европратеници ја повикуваат ЕУ да започне преговори со Северна Македонија

ИЗВОРНов Лист
|

Во изјава потпишана од дваесет европратеници се повикува Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија и да се овозможи прогрес и за Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел. Пратеници од сите политички партии во Европскиот Парламент бараат да не се испушти денешната шанса за зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на оваа година.

Во писмото стои: Предупредувајќи дека блокирањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија го загрозува кредибилитетот на Европската Унија на западниот Балкан, тие ги повикуваат Бугарија и Северна Македонија да изнајдат компромис за билатералните прашања за да се избегне натамошно одлагање на процесот.

Бугарија треба да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Северна Македонија што е можно побрзо и со тоа да оддаде признание за напорите на земјата во пристапниот процес кон ЕУ. Тие ја повикуваат македонската страна исто така „да го вложи секој можен напор” за решавање на споровите.

Писмото е потпишано од известувачот за Северна Македонија во Европарламентот, бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, како и од други пратеници добро познати на македонската јавност – Тања Фајон, Дејвид Макалистер, Рајнхард Бутикофер и други.