Две лежалки и чадор за 45 евра во прв ред: Најпопуларните плажи на Ситонија

ИЗВОРСкопје24
|

Полуостровот Халикидики со години е најпопуларно летувалиште за домашните туристи. Најразвиен е и најорганизиран е првиот крак, Касандра, но вториот крак, Ситонија го посетуваат оние кои сакаат да уживаат во помирен одмор и во тиркизно-сината вода на морето. Ситонија го нуди токму тоа, мирен одмор и плажи кои оставаат без здив. Ова е нашиот избор на најубавите плажи на вториот крак на Халкидики, кои според изборот на туристите со текот на годините добиваат на популарност.

1. Orange beach (Kavourotripes) за некои е најубавата плажа на целиот полуостров. Ако не најубава, тогаш може да се рече дека е најнеобична. Кристално сината вода, необичната конфигурација на теренот и боровата шума над неа се доволна причина да ја посетите. Но, внимававајте, на организираниот дел од плажата нема да може да изнајмите лежалки ако немате претходна резервација. И покрај целата убавина, минус за оваа плажа е што нема тушеви, а поради големата популарност од крајот на јуни до крајот на август знае да биде неподнослив метеж. Плажата се наоѓа на 7 километри оддалеченост од местото Сарти. Над плажата има два мали ресторани за брза храна сместени во боровата шума. Гирото чини 3 евра, соковите 2, а пивото исто така 3.

2. Плажата Kalogria многумина ја нарекуваат најдобарата плажа на Ситонија. Се наоѓа на 5 километри од местото Никити. Оние со подлабок џеб, уживаат на првиот ред од лежалките на делот од плажата кој го работи хотелот „Манго“. Минимална консумација за двајца за изнајмување на сет од две лежалки и чадор во првиот ред чини 45 евра, а цената се намалува во подолните редови. На средината на плажата, има доста простор за сопствени лежалки и чадори, а само стотина метри од хотелскиот дел постои можност да се изнајми сет од две лежалки и чадор за 5 евра и можност за користење на сопствена храна и пијалоци, иако има и мини киоск за брза храна и пијалоци. Морето во овој дел е исклучително мирно и чисто, а во еден дел од плажата има и природни сенки. Kalogria е идеална за нуркачи- почетници.

3. Koviou

Ако не сакате комерцијални и популарни плажи, сигурно дека ќе уживате во плажата Koviou. Има прекрасна чиста и тиркизна вода, плиток дел идеален за деца, убав песок и ситни камчиња на брегот. Лежалка на организираниот дел чини две евра, а остатокот од плажата е слободен за сопствена опрема.

4. Лагомандра

Популарна за нуркачи и за семејства со мали деца, Лагомандра е лоцирана 13 километри јужно од Никити и 7 километри северно од Неос Мармарас. Северниот дел од плажата е семејниот дел, со природни сенки и можност за своја опрема. Ако сакате да го користите хотелскиот дел од плажата, изнајмување на две лежалки и чадор чини 12 евра, а хотелот нуди и таверна, ресторан за брза храна и кафе-бар во боровата шума.

5. Торони

Идеално за мирен одмор е местото Торони со својата градска плажа која е долга 2.5 километри. Каде и да се сместите во Торони ќе бидете блиску до плажата. Торони е во залив, водата е главно мирна и секогаш чиста. Ова е едно од ретките места во Ситонија каде што со изнајмување на лежалка добивате пијалок.

Ако сте на Ситонија, не треба да ги пропуштите ни плажите Lagonisi, Karidi, Kalamitsi, Platanits, Armenistis, Kriaritsi…