Две малолетни деца завршија во болница по сообраќајната несреќа што се случи синоќа во Кисела Вода

|

Расфрлани патики, набиен семафор, како и испокршена пластика од мотор и држачите за нозе сведочат за синоќешната сообраќајна несреќа во која повторно учесници се малолетници.

Две деца на возраст од 13 и 15 години, во скоспка – Кисела Вода, на местото познато како „чешма“ возејќи мотор се судриле со автомобил. 15 годишникот се здобил со тешки телесни повреди на стомакот и карлицата и во моментов е на интензивна нега во Градската болница, од каде посочија дека е во стабилна состојба. 13 годишникот пак, кој според информациите од МВР управувал со моторот е со полесни повреди и се лекува во клиничкиот центар.

На местото се останати мали траги од несреќата, но кој е виновен и под кои околности се случила, истрагата треба допрва да покаже… Потоплото време ги примами љубителите на мотоциклизомот да излезат на улиците, па и оние малолетните кои ниту се доволно зрели, ниту пак законот им дозволува да управуваат со мотори, а најчесто не носат ниту соодветна опрема за заштита. Од МВР кои велат дека акциите за спречување на ваквите појави во сообраќајот се интензивни, но и апелираат до децата, а и до родителите на одговорност…

-Да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и особено да се внимава, да не се даваат овие превозни средства на деца кои што се неискусни и кои што не може да ги управуваат, се знае законската обврска и правилата во законот како се дефинирани, кога може да се управува мотор. -Тони Ангеловски – Портпарол на МВР.

Несреќите од кои дел се малолетници не се ретки, а за жал некои завршуваат и фатално, како што беше ланскиот случај со 14 годишното дете кое загина во Козле, отакако автомобил влетал во крстосница без да го пропушти моторот, па од самиот судир малолетникот загина на самото место.

Половина година по смртта на момчето, се уште нема разрешница на случајот, а од обвинителството велат дека се уште се прибираат докази.