Двесте и педесет студенти дипломираа на Меѓународниот Балкански Универзитет и влегуваат на пазарот на трудот

ИЗВОРСкопје24
|

Двесте и педесет студенти, од академската 2018/2019 година во прв и втор степен високо образование на Меѓународниот Балкански Универзитет се стекнаа со статус дипломирани и ќе ја зголемуваат конкуренцијата на пазарот на трудот.

Меѓународниот Балкански Универзитет, на свечена церемонија и во присуство на Премиерот Зоран Заев, претставници на дипломатскиот кор, пред деловната заедница од земјава и регионот како и гости од општествениот живот, ги претставите новите дипломци и постдипломци.

Новодипломираните студенти беа поздравени од Претседателот на Управниот одбор на Универзитетот, г-дин Ајдован Адемоски.

„Квалитетот на универзитетското образование игра клучна улога во унапредување на технолошките процеси и поттикнување на економскиот развој на една земја. Токму затоа, Меѓународниот Балкански Универзитет ги продуцира најдобрите глобално конкурентни професионалци кои се подготвени веднаш да се натпреваруваат во компетитивна средина. Овој универзитет е создаден врз идејата да го понуди најдоброто високо образование, па така и овие 250 тукушто дипломирани со нивните новостекнати квалификации се доволно самоуверени да ги навестат позитивните промени и општествено одговорни да влијаат врз околината, а тоа е исполнување на мисијата на универзитетот“, истакна Претседателот на Управниот одбор на Универзитетот, Адемоски.

На церемонијата беше присутен и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој ги поздрави дипломците и ја врачи дипломата на првенецот на генерацијата.

„Меѓународниот балкански универзитет е високообразовна институција која е сериозен чинител во системот на високото образование во Република Северна Македонија. Со одлуката да инвестира во нов универзитетски кампус овде во главниот град, со најсовремени услови за образование, наука и истражување, Меѓународниот балкански универзитет докажа дека инвестирањето во Северна Македонија е паметен чекор, особено кога инвестицијата се однесува најдиректно на младите генерации. Во оваа насока, силно ја поддржуваме соработката на Меѓународниот балканскиот универзитет со бизнис заедницата и со државните институции, и охрабрувам таа соработка да се продлабочи со нови партнерства кои ќе донесат успешни резултати за сите нас како општество. Република Северна Македонија ги отвора портите за ваше инволвирање во општеството, и топло упатувам препорака и до бизнис заедницата, фокусот да го насочи кон овие генерации затоа што на нив е иднината и тие се нашите нови лидери“, истакна во своето обраќање премиерот Заев.

Меѓународниот Балкански Универзитет веќе 13 години работи во Македонија со меѓународно акредитирани наставни програми и студенти од преку 10 земји, коишто добиваат најквалитетно високо образование во земјава. Шангајската листа го рангира МБУ како најдобриот универзитет во Македонија во областа на наставата и учењето, а универзитетот бележи завидна бројка од над 90 отсто вработени дипломци, во државата и во регионот, во првите 6 месеци по дипломирањето.

„Ова е деветта генерација дипломци и петтата постдипломци што излегуваат од образовните процеси на нашиот универзитет. Со образованието стекнато преку нашите напредни наставни и образовни методи, тие се комплетно подготвени да се наметнат како конкурентен фактор на глобалниот пазар на трудот. Пред нас е уште една генерација млади интелектуалци и професионалци која е во тек со сите трендови во светот и своите знаења ќе ги вложи во развојот и перспективата на сопствената земја. И оваа генерација ќе потврди дека Меѓународниот балкански универзитет е место каде се создаваат и развиваат прогресивни, напредни идеи и визии“, потенцираше Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем.

Меѓународниот Балкански Универзитет има воспоставено над 170 договори за меѓународна соработка, од кои 76 преку европската програма Еразмус+, 47 за турската програма за студентска мобилност Мевлана и 47 билатерални договори за соработка. Сето тоа отвора можност за меѓународна размена на студенти во повеќе од 40 земји ширум светот.

На универзитетот функционираат 7 факултети кои нудат 18 програми за додипломски и 10 програми за постдипломски студии, a во тек е акредитација на првите докторски студии во областа на економијата и компјутерското инженерство. Универзитетот го поседува најмодерниот универзитетски кампус во државата, направен според највисоките стандарди за образование во 21-от век. МБУ е единствениот универзитет во земјава каде англискиот јазик е и службен и наставен, односно наставната програма се одвива целосно на англиски јазик, но тоа не треба да се смета за пречка кај оние на кои англискиот јазик не е најсилна страна. Програмата на универзитетот нуди интензивна програма во Школата за англиски јазик целосно вклучена во годишната школарина.