Џафери: Нема да има седница за пратенички прашања

|

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифинг со новинарите информираше дека седницата за пратенички прашања денеска нема да се одржи.

Според него, досегашната практика покажала дека Владата во оставка, како резултат на оставката на премиерот Зоран Заев, не може да учествува во таква расправа, додека пак според Деловникот не може ниту да именува свој претставник.

Џафери нагласи дека оваа влада останува на должност до изборот на новата влада, ама само на техничко ниво. До изборот на нова влада нема да има нови седници, затоа што владата во оставка не би требало да предлага закони.

Гордана Силјаноска (ВМРО-ДПМНЕ) вчера изјави дека е невообичаено на седница за пратенички прашања да се констатира оставка и да им се оневозможи на пратениците да им поставуваат прашања на министрите.